Ботас и Хамилтон

Мојот сон е еден ден да станам шампион во Формула 1, вели Ботас, финскиот возач во шампионскиот тим на Мерцедес, пред неделниот настап во Силверстоун

Постојано се подобрувам последните неколку години и убеден сум дека секогаш може да биде подобро. Мојот сон е еден ден да станам шампион во Формула 1, изјави Валтери Ботас, финскиот возач во шампионскиот тим на Мерцедес, пред настапот в недела на петтата годинашна трка за големата награда на Британија, која, пак, ќе се вози во Силверстоун.

Ботас во Мерцедес е од 2017 година кога беше втор возач на тимот зад актуелниот шампион, Британецот Луис Хамилтон. Тој во својата кариера досега има извозено144 трки, прв низ целта минал осум пати, а лани го постигна најдобриот пласман кога заврши на второто место во шампионатот, зад неговиот клупски колега.
Се очекува Мерцедес наскоро да донесе одлука и за судбината на актуелниот шампион, Луис Хамилтон, односно во тимот се надеваат дека ќе се согласат и со Британецот за продолжување на успешната соработка.

Ситуацијата за пласманот во Ф1-шампионатот по четири изминати трки (во три победи Хамилтон) е иста како и на крајот од минатата сезона. Хамилтон е прв со 88 бода, односно има 30 повеќе од Ботас, кој, пак, славеше во првата трка сезонава одржана во Австрија, додека трет е Холанѓанецот Марк Верстапен (Ред бул) со 52 бода. Во конструктори, пак, води Мерцедес (146 бода), пред Ред Бул (78) и Мекларен (51).
Најдобрите возачи во Формула 1 продолжуваат да се натпреваруваат и викендов со втората трка во низа во Силверстоун. На оваа патека се возеше и минатиот викенд, а Хамилтон во возбудлив финиш успеа да мине прв низ целта.