Од 1976 година, 13 август се одбележува во светот како Ден на левучарите. Приближно 10 отсто од светската популација подобро се служат со левата рака, а од тие 700 милиони, повеќето се мажи. Оние, пак, што еднакво добро ги користат обете раце, сепак, се вистинска реткост

СПОРТИСТИТЕ ЛЕВУЧАРИ ГО ПРОСЛАВИЈА СВОЈОТ МЕЃУНАРОДЕН ДЕН

Ја чувам десната рака за Лејкерси, рекол во една пригода славниот НБА-кошаркар на Бостон, Лари Бирд, кога го прашале зашто шутирал само со левата рака на мечот против Портланд. Прославениот англиски снукерист Рони О’Саливен успеал да исфрли еден „омилен“ ривал од Светско првенство (СП) користејќи ја само левата рака. Швајцарскиот тениски ас Роџер Федерер, пак, веројатно посакува Шпанецот Рафаел Надал никогаш да не научел да го удира тениското топче со левата рака.
Од 1976 година, 13 август се одбележува во светот како Ден на левучарите. Приближно 10 отсто од популацијата подобро се служат со левата рака, а од тие 700 милиони, повеќето се мажи. Оние, пак, што еднакво добро ги користат обете раце, сепак, се вистинска реткост.
Снукеристот О’Саливен уште од почетокот на блескавата спортска кариера, самоуверено и без двоумење ја користи левата рака во ситуации кога топчињата на масата го „барале“ тоа. Петкратниот светски првак, еден од „омилените“ ривали, Али Картер, го елиминирал во одлучувачката партија на СП во 2005 година, користејќи ја само левата рака.

Двајцата најславни аргентински фудбалери на сите времиња (можеби и во светот), Лионел Меси и Диего Марадона, многу подобро играат и даваат голови со левата нога.
Тоа што им го приредил десноракиот Лари Бирд на Денот на вљубените, 14 февруари, во 1986 година, на Блејзерси во Портланд не било ништо лично, туку дополнителна мотивација.
– Погледнете ја оваа лева рака, утре со неа ќе шутирам најмалку три четвртини од натпреварот и ќе остварам трип-дабл од 35 поени, 15 скока и 11 асистенции! – им ветил Бирд пред тој меч на своите соиграчи.
Тоа што се случило на мечот ќе остане запаметено засекогаш. Освен кога шутирал од дистанца, Бирд ја користел само левата рака, притоа 20 од 47-те негови кошеви ги уфрлил со „послабата“ рака, го погодил ударот и за продолжение, а потоа и за победа. Остварил и 14 скока и 11 асистенции.

Прашан зашто шутирал и со левата рака, Бирд ладнокрвно одговорил дека десната ја чувал за Лос Анџелес лејкерс!, а потоа со Бостон го победил и Лејкерс.
Таа сезона Бостон ја завршил со освојување на титулата, а Бирд го добил признанието за најкорисен играч (МВП) во финалната серија.
Рафаел Надал одамна е прогласен за најдобар тенисер левучар на сите времиња. По освоените 19 гранслем-титули и многубројните рекорди што ги поставил играјќи со левата рака, тој се потпишува со десната рака, со неа игра пикадо и ги фаќа тениските топчиња кога ќе му бидат упатени за да сервира. Надал е тенисер левучар уште од мали нозе, но сите други спортови додека бил во школо ги практикувал со десната рака и нога!
– Би сакал Надал да беше деснорак тенисер – изјавил во едно интервју неговиот голем ривал Федерер.