Победата на Бернал на Тур де Франс можеби е најголемото достигнување за колумбискиот спорт, а го засени и неодамнешниот триумф на тенисерите Кабал и Фара во двојки на Вимблдон

Јас сум најсреќниот човек на светот. Победив на Тур де Франс, едноставно не ми се верува. Прекрасно е чувството, сите во моето семејство отсекогаш сонувавме за вакво нешто, со солзи во очите зборуваше младиот, 22-годишен, Еган Бернал, првиот Колумбиец, наедно и Јужноамериканец, победник на најпрестижната и најгламурозна велосипедска трка на светот.
Кога Бернал седна на велосипед во 2005 година веројатно не ни можеше да претпостави дека 14 години подоцна ќе победи на Тур. Во 2014-та ги забележал првите успеси на трките во маунтбајк, по што му се посветил на друмскиот велосипедизам. Вниманието врз себе го свртува лани, на дебито на Тур, со освојувањето на одличното 15-то место.

Годинава тој победи на класичната спринтерска трка Париз – Ница, пред сонародникот Наиро Кинтана, потоа и на Трката околу Швајцарија, но не беше во најтесниот круг фаворити за триумф на Тур. Попрецизно, во тимот на Инеос тој требаше да им помага на Крис Фрум и на Герент Томас да победат. Но работите драстично се сменија по тешкиот пад на Фрум неколку недели пред почетокот на трката и откажувањето. Слично нешто го снајде и Томас, по што шефот на тимот Дејв Брејлсфорд реши на Бернал, поради одличната форма, да му даде поинаква, лидерска улога, како и на Томас, што се покажа како одлична тактика.

Неговиот триумф на Тур ја одушеви колумбиската нација. Дедото на Еган, Алваро Бернал (75), колумбиски земјоделец, производител на пченка, на централниот плоштадот во Зипакира, градот во Андите, ја славел победата на внукот, кој е роден во Богота, но пораснал во Зипакира.
– Сите го сакаме и тој треба да знае дека сите го сакаме овде. Ова е победа за Колумбија и за Зипакира – вели неговиот дедо Алваро.
Зипакира е „поспан“ планински град, со околу 130.000 жители, на 2.650 метри надморска височина, педесетина км североисточно од главниот град Богота. Тој привлекува туристи што сакаат да ја видат „солената катедрала“ изградена во напуштен рудник за сол. Зипакира има оригинална архитектура, со калдрми и стари колонијални градби, со стар градски центар од шпанскиот колонијален период, типичен град во Андите.

Победата на Бернал на Тур веројатно е најголемото достигнување за колумбискиот спорт воопшто, што го засени и триумфот на тенисерите Хуан Себастијан Кабал и Роберт Фара во двојки, на Вимблдон, пред две недели. Кога беше јасно дека Бернал ќе биде новиот шампион на Тур, на преполниот централен плоштад во Зипакира завршната етапа се следела во живо, во карневалска атмосфера, додека конфети им паѓале врз главите на луѓето. Толпата навивала во екстаза, многумина биле облечени во дресови на националниот фудбалски тим или во жолти маички, како онаа на победникот на Тур. Се веело националното знаме, а вештите трговци продавале маички со ликот на „омилениот син“. Забавата продолжила во ноќта, со мали знаци на намалување, до изгрејсонце. Многумина допатувале од блиските градови со транспаренти за да ѝ се приклучат на прославата. Фабио Ернан Родригез му бил прв тренер на Еган кога имал осум години и кога имал само половен планински велосипед.
– Тој секогаш беше многу скромен, но и многу посветен. Ова не е изненадување за мене. Знаев дека ќе се случи ова – вели Родригез.

Весниците во Колумбија не можеа да ја скријат возбудата. „Колумбија направи историја“ стоеше на насловната страница на „Ел еспектадор“. „Жолта треска“ беше насловот на интернет-страницата на „Ел тиемпо“.


Новиот Крис Фрум

Имаше доста шпекулации дека двојното лидерство Томас – Бернал ќе доведе до повторување на тензиите со кои се карактеризираше односот меѓу Бредли Вигинс и Крис Фрум. Но тоа не се случи, напротив, немаше ниту најмал знак за какво било недоразбирање во текот на целата трка Тур де Франс.
– Беше задоволство да се вози со него. Не сакам да правам притисок врз момчето, но тој е 22-годишен, пред него се уште десетина години и може да стане еден од најголемите велосипедисти во историјата. Фрум веројатно е најдобар возач на грантур-трките во моментов, но мислам дека Еган може да биде исто толку добар, па и подобар – изјави Томас.

Со тоа се согласува и шефот на Инеос, Дејв Брејлсфорд, кој Бернал го опишува како новиот Крис Фрум.
– Колку што станува трката потешка, толку тој станува подобар. Тој ќе биде сериозен конкурент за победа на грантур-трките, бидејќи е способен да се справи со заморот, што е една од неговите најголеми предности – истакнува Брејлсфорд, додавајќи дека две години веќе барал наследник на Фрум (34) и на Томас (33) и го нашол во Бернал.


Во Колумбија возењето велосипед е вообичаена работа

Во Колумбија велосипедизмот е втор омилен спорт, по фудбалот. Додека во светот често на велосипедизмот се гледа како на забава и рекреација за богати луѓе, во Колумбија возењето велосипед е вообичаена работа. Секој викенд градовите ги затвораат главните сообраќајници, овозможувајќи им на велосипедистите да уживаат на улиците. Секоја голема трка се пренесува на ТВ и се гледа во целата земја. Триумфот на Бернал го поздрави и претседателот на Колумбија, Иван Дуке.
– Она што се случи нѐ исполни со многу емоции – објави Дуке на Твитер, спомнувајќи го Наиро Кинтана, уште еден Колумбиец, победникот на Џиро д’ Италија во 2014-та и на шпанската Вуелта во 2016 година.