Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, рече дека Игрите во Токио ќе треба да бидат откажани ако пандемијата на коронавирусот го оневозможи одржувањето следната година, објави британскиот „Гардијан“. ИОК и Олимпискиот организациски комитет во Токио објавија во март дека Игрите, кои требаше да се отворат во јули, ќе треба да бидат одложени за една година поради глобалното ширење на вирусот.
Бах за „Би-би-си“ вчера изјави дека се согласил со премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, кој минатиот месец рече дека одржувањето на Игрите би било „тешко“, освен ако пандемијата не биде завршена пред тие да почнат на 23 јули в година. Бах рече дека Абе му ставил до знаење дека, што се однесува до Јапонија, следната година е „последната опција“, пишува „Гардијан“.

– Сосема искрено, имам разбирање за ова, затоа што не можете засекогаш да вработите 3.000 или 5.000 луѓе во организацискиот комитет. Не можете секоја година да го менувате целиот распоред на спортови низ целиот свет од сите најголеми федерации. Не може спортистите да бидат во неизвесност – рече Бах.
Сепак, Бах додаде дека ИОК е посветен на одржување на ЛОИ во Токио в година, иако коронавирусот може да ги присили организаторите да преземат мерки на претпазливост, вклучувајќи и карантини за спортистите.

– Што може да значи ова за животот во олимпиското село? Сите овие различни сценарија се разгледуваат и затоа велам дека тоа е голема задача, затоа што има толку многу различни опции. Ќе донесеме одлуки кога ќе имаме јасен став за тоа како ќе изгледа светот на 23 јули 2021 година – вели Бах.