Не можам да го дадам точниот број гледачи што ќе може да бидат на трибините, но според извештаите од тест-настаните во Јапонија, мислам дека можеме да бидеме сигурни дека ќе имаме разумен број гледачи, вели претседателот на ИОК

Сакам да му соопштам на јапонскиот народ дека сме целосно посветени за безбедна организација на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година, изјави претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, на прес-конференцијата по состанокот на управниот одбор на ИОК.
Тој в недела ќе отпатува за Токио, во четиридневна посета и обиколка на спортските објекти, кои ќе бидат дом и борилишта на спортистите на ЛОИ. За Бах ова ќе биде прва посета на Токио по мартовското одложување на Игрите. ЛОИ во Токио требаше да се одржат годинава, но поради пандемијата на коронавирусот, како и голем број спортски настани, доби едногодишно одложување, а новите датуми се од 23 јули до 8 август 2021 година.
– Неодамнешната појава на тестови за брзо тестирање на ковид-19 и можноста до летоска да се одобри вакцина против вирусот, ни даваат доверба дека ЛОИ може безбедно да се одржат идното лето. Наша основна заложба на која сме максимално посветени е организација на Игрите во безбедно опкружување. Не можам да го дадам точниот број гледачи што ќе може да бидат на трибините, но според извештаите од тест-настаните во Јапонија, мислам дека можеме да бидеме сигурни дека ќе имаме разумен број гледачи. Сепак, бројката и условите ќе зависат од понатамошните случувања со пандемијата – рече Бах.