Јорданов беше еден од најдобрите македонски борачи во слободен стил, со освоени две бронзи од медитеранските игри и три од балканијадите. Тој беше меѓу првите што ја почна „жетвата“ на медали на Медитеранските игри, заедно со Борче Димовски, Добре Маринков, Тефик Демири, Сефер Салиовски и Ристо Дарлев

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (205)

Борењето во минатиот век беше најтрофејниот македонски спорт, кој имаше елитни репрезенти со коишто се гордеевме. Иако релативно млад спорт, кој своите почетоци ги имаше во втората половина од 50-тите години на минатиот век, сепак благодарение на талентот што го поседуваа младите борачи, овој спорт брзо квалитетно се издигна и по него бевме препознатливи во спортскиот свет. Впрочем, и самиот факт што борачите беа првите спортисти што освојуваа медали на меѓународната сцена, најдобро зборува за квалитетот на слободното борење.
Еден од плејадата борачи што се појавија на сцена во 1960-тите години, покрај веќе афирмираните Неби Јусуфов (петти на СП во Софија во 1963) и Рамиз Тефиков, двајцата од Струмица, потоа Тефик Демири, Рамадан Салихи и Арслан Ризвани од Студеничани, Добре Маринков и Симеон Шутев од Штип и Борче Димовски од Скопје, беше и Ацо Јорданов. Тој генерациски дојде некако со уште два аса на нашиот боречки спорт, Ристо Дарлев и покојниот Сефер Салиовски. Нормално, имаше и други борачи, но гореспоменатите беа вистински предводници на генерациите што подоцна се појавуваа на душекот и стигнаа до светскиот врв. Меѓу нив, секако, најекспонирани беа олимпискиот шампион Шабан Трстена и двојниот освојувач на олимписката бронза Шабан Сејдиу, како и плејадата борачи од Штип, од кои по Шутев и Маринков, посебно место во македонското борење зазедоа Киро Ристов и Зоран Шоров, кој освои сребро и бронза од европските првенства.
Овој пат ќе се навратам на спортската кариера на Ацо Јорданов, кој не само во тој период туку и подоцна се сметаше за еден од најдобрите техничари што се појавиле на душекот. За него немаше тајни во борењето и на чудесен начин дури и тогаш кога се чинеше дека е „готов“,наоѓаше решенија за да стигне до победите. Токму со таквиот начин на борба, во која доминантно место имаше техниката, Јорданов освои два бронзени медала на медитеранските игри, три бронзени на балканијадите, а беше учесник и на по едно светско и европско првенство.
– Бев познат по тоа што добив и прекар Вечно Трет. Кога ќе одевме на турнирите и првенствата, ривалите во мојата категорија знаеја да кажат, Ацо е тука, повторно ќе биде трет. И навистина така беше, не мрднав погоре од оваа позиција, иако да бидеш трет на ваквите првенства во една силна меѓународна конкуренција претставуваше успех – вели Ацо.

ДИМОВСКИ „ВИНОВНИК“ ЗА ДОАЃАЊЕТО НА БОРЕЊЕ

Интересно е како Ацо Јорданов стигна на душекот и почна да се бори. Во тоа време, пред земјотресот во 1963 година, во Скопје имаше три сали во кои се одвиваа боречките активности. Тоа беа двата објекта на „Партизан еден“ (Соколаана), „Партизан три“ кај Градскиот парк, кој уште е во функција, и салата на Средното фискултурно училиште.
– Јас живеев во Црниче и постојано поминував покрај Средното фискултурно, така го викавме во тоа време. Еден ден влегов во салата да видам што се случува. Бев изненаден кога видов дека на паркетот се поставени душеци за борење, зашто мислев оти таму се игра само кошарка и ракомет и се вежба на гимнастичките справи. Моето око се задржа на душеците, на кои неколку момчиња се бореа во присуство на тренерите Бојан Рангелов и Ристо Таков. Меѓу нив беше и нашиот олимпиец Борче Димовски, со кого и претходно се познавав, но никако не доаѓавме до муабет како би можел и јас да му се приклучам и да почнам да се борам. Еден ден, гледајќи ме како со рацете во џеб шеткам во салата, Борче ми пријде и ми рече да не го губам времето залудно, да ги собујам чевлите и да одам на душекот. Бев изненаден, но и задоволен, зашто токму тоа и јас го посакував. Застанав на душекот, ја фатив почетната позиција и почнав да се борам. Нормално, Борче не тргна да ме „сомеле“, туку изведуваше лесни зафати за да можам и јас да му парирам. Така, полека почнав и јас редовно да тренирам и да навлегувам во тајните на боречкиот спорт. Тренерот Рангелов беше задоволен од она што го виде кај мене и веќе по неколку дена и официјално станав член на БК Вардар, во кој останав до денешен ден – вели Јорданов.

МЕЃУНАРОДНО ДЕБИ ВО ЦИРИХ

Борачите на Вардар беа редовни учесници на сите првенства организирани во Македонија, а се случуваше да учествуваат и на првенствата во грчко-римски стил, кој особено беше развиен во Србија и во Хрватска. Впрочем, во овој стил, во тоа време Југославија имаше олимписки шампион во Бранислав Симиќ, потоа носители на сребрен и на бронзен медал во Хорват и во Мартиновиќ и уште десетина квалитетни борачи, од кои секој можеше да освои медал на големите спортски приредби. Токму поради овие резултати, борењето беше многу популарно и ги привлекуваше младите.
– Иако грчко-римскиот стил барем тогаш беше поразвиен и популарен во поранешната држава, мене повеќе ме привлекуваше слободното борење, по кое Македонија и беше препознатлива, не само на поранешните југословенски простори туку и пошироко во Европа. И јас, како сите млади спортисти, сонував еден ден да стигнам до врвот и да освојувам медали. Токму тоа се случи во 1968 година, кога на младинското првенство го освоив третото место. Тоа беше голем стимул за мене и потврда на очекувањата на Рангелов и на Таков, дека од мене може да стане добар борач. Истата година бев вклучен и во сениорскиот тим на Вардар, со кој настапив во Купот на европските шампиони во Цирих, што беше мое деби на меѓународната сцена. Се борев во категоријата до 62 кг и бев поразен од еден многу поискусен и повозрасен борач. Но овој пораз брзо го заборавив, оти знаев дека моето време допрва доаѓа – се присетува Јорданов.

МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ НА БАЛКАНОТ И НА МЕДИТЕРАНОТ

По првото меѓународно деби во Цирих, Ацо Јорданов го очекуваа нови настапи и дуели со познати борачи. Стана стандарден репрезентативец на поранешна Југославија, во која освои пет шампионски титули и долго време беше неприкосновен во категоријата до 68 кг.
– До појавата на Сефер Салиовски, а потоа и на Шабан Сејдиу, бев доминантен во моите категории, 62 и 68 кг. Особено цврст беше покојниот Салиовски, од кого морав да „бегам“ во пониската категорија, а со Сејдиу на пример, за настап на Медитеранските игри во Алжир 1975 година моравме да се преборуваме. Претходно го победив на државното првенство, но сепак со одлука на селекторите требаше да имаме нова борба за тоа кој ќе настапи во 68 кг на Медитеранските игри во Алжир. И во тој дуел бев подобар, но тоа за Шабан беше добро. Тој беше млад, 15-16 години, и ќе имаше поголема мака на Медитеранските игри ако се бореше во потешката категорија. Вака, во категоријата до 62 кг, тој ги сомле сите противници и беше најмлад медитерански победник. Јас, пак, на овие Игри имав дури четири победи за да стигнам до бронзениот медал. Првиот бронзен медал на Медитеранските игри, кои за нас беа речиси на исто рамниште како со европските првенства, го освоив во Измир во 1971 година – продолжува Јорданов.
Во првата половина од 1970-тите години Ацо Јорданов настапи на три балканијади во Скопје (1971), Солун (1972) и во Темишвар (1973) и на сите три ги освои бронзените медали.
– Утеха ми беше што во Скопје бев прогласен за најдобар домашен борач. Инаку, искрено жалам што на балканијадите и на медитеранските игри не освоив барем еден златен или сребрен медал. Но, таква ми била среќата. Секогаш некој, особено Турците, ќе ми застанеше на патот кон шампионската или вицешампионската титула. Но и со ова што го постигнав сум задоволен – вели Јорданов, кој останува запишан како еден од најуспешните македонски борачи, кој во текот на кариерата имаше еден настап и на европските првенства, во Лозана во 1973 година (девето место), и на светските првенства, во Истанбул во 1974 година (15-то место).


Ацо Јорданов

Роден: во 1949 година во селото Чашка, Велешко
Кариера: боречки клуб Вардар и репрезентација на Југославија
Успеси: петкратен шампион на поранешна Југославија во борење, слободен стил, две трети места на медитеранските игри и три трети места на балканијадите. Учесник на едно европско и светско првенство.