Герент Томас и Крис Фрум

Томас, кој му помагаше на Фрум трипати да победува на Тур, конечно на 32 години успеа да триумфира на најпрестижната светска велосипедска трка

Имаше периоди кога се чинеше дека Герент Томас, победникот на годишниот Тур де Франс, е благословен со талентот што го има, но и проколнат од возачот каков што стана.
За него сер Дејв Брејлсфорд, првиот човек на Скај-тимот, рече дека може да стори сѐ. Тој е возачот што се чинеше дека е предодреден да вози и да им помага на другите, постојано паѓаше на трките кога не требаше. Тоа му се случи на Олимписките игри (ОИ) во 2016 година, двапати на Тур де Франс во 2017 година, истата година и на Џиро д’Италија, кога беше во одлична форма. Шансите за успех во врвниот спорт доаѓаат брзо, но се лизнуваат уште побрзо.

Тоа проклетство за Томас исчезна во трите јулски недели годинава, на спектакуларен начин, со големиот триумф на Тур де Франс, поголем од сите разочарувања заедно. Томас го гледаше британскиот тимски колега Бредли Вигинс како победува на Тур де Франс во 2012-та. Тој му помогна на Крис Фрум да довози триумфално во Париз трипати, а еднаш 20 дена возеше со фрактура на карлицата. Тој му помагаше на Фрум да победува и на другите грантур-трки на кои можеше и самиот да победи. Но на 32 години, кога возачите полека почнуваат да гледаат преку рамото на помладите, дојде наградата за Томас.

За некои спортски јунаци велат дека дошле од друг свет. Но тоа не важи за Томас, кој живее исто како и сите обични луѓе. Негов прв велосипед како дете бил евтиниот планински модел наречен „волк“. На управувачот тој имал мала кутија што правела голема врева – звуци на полициска сирена, за амбулантно возило итн. Тој го возел „волкот“ до паркот со својот помал брат и со татко си, каде што играле фудбал и рагби.
Кога тргнал на првото подолго возење од својот дом во предградието на Кардиф, на враќањето дома се изгубил и кога се вратил бил толку уморен што, наместо со рака, ѕвончето на вратата го притиснал со челото. Кога мајка му сфатила дека таа работа со велосипедизмот не минува, ноќта пред возењата го хранела Томас со ребра на скара и со ориз од локалната кинеска продавница, а за по пат му приготвувала сендвичи со џем.

Триумфот на Тур де Франс беше и реален и невозможен. Кога Томас го возеше првпат, како млад 21-годишник, темпото за него беше збунувачко. Во тимот тој имаше задача да ги носи шишињата со вода на своите колеги. На ридските етапи веднаш брзо се откажуваше, како и на рамните делници. Понекогаш неговиот компјутер на велосипедот автоматски се исклучуваше, претпоставувајќи дека тој застанал затоа што возел многу бавно на ридските, планински етапи. Цело време иста мисла му се вртела во исцрпениот ум: „Како е можно да се победи на оваа трка? Доволно е тешко да се стигне до целта само еден ден“.

Трансформацијата дојде бавно, но неизбежно. Почна со завршувањето на трката, а потоа и со станување клучен помошник на Фрум. Ужасните тренинзи на Тенерифе на голема височина, долгите возења и брутални качувања дадоа плод. Тој ги отфрли пролетните еднодневни трки „класици“ за сметка на летните грантур-трки. Заврши како 15-ти на Тур, учеше од Вигинс и од Фрум, од сите тренери на Скај и од нутриционистите.
Овој јули тој возеше со искуство на ветеран и со самодоверба на човек што знае дека дошло неговото време. Некои велат дека Томас имал среќа, поради пеховите на неговите ривали. Ричи Порте падна на патот кон Рубе, Винченцо Нибали беше соборен од гледач на Алп д’Уез, Том Думулан загуби време поради дупната гума, а Фрум пaдна во првата етапа.

Имаше ли среќа Томас? Среќата на Тур доаѓа со умешноста, со тоа што сте на вистинското место во постојано менувачката маса од 100 или повеќе велосипедисти што возат со брзина од 60 км на час, со читање на говорот на телото и движењето на оние што се обидуваат да ве нападнат од „заседа“.

Томас не би победил на Тур без Скај, но и Скај не би победил на трите други тура без Томас. Можеби Томас никогаш повеќе нема да победи на некоја грантур-трка. Но тој ќе остане анти-Ленс Армстронг: секогаш љубезен, човек што обично прво ги фали другите. И веројатно ќе му треба уште некое време да сфати дека конечно победил на најголемата трка во неговиот спорт.