Илина Арсова, планинарка и алпинистка, е првата Македонка што во 2013 година се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри). Пред неколку месеци таа се искачи и на врвот Винсон (4.892 м), на Антарктикот, последниот од седумте највисоки врва на седумте континенти на планетата.
– Цела година треба да биде 8 март, не само утрешниот ден. Мене лично ама баш ништо не ми значи, бидејќи не ги славам ниту родендени, Нова година или слично. Утрешниот 8 март, како и многу години, ќе го минам „работно“, искачувајќи се на карпа, ќе вежбам и ќе уживам. Јас сум за еднаквост на жените со мажите во секој поглед, во сите области, ги поддржувам сите активности на тој план, се обидувам да помогнам и да придонесам колку што можам на тоа поле – вели Арсова, која е академска сликарка.