Диего Симеоне

На листата, на која се опфатени 1.875 клуба од 128 лиги во 91 земја во светот до 1 јуни годинава, Аргентина има 68 тренери во странство, и тоа 11 во Чиле, седум во Перу, шест во Еквадор, тројца во Европа…

ФУДБАЛ – СПОРЕД ЦИЕС

Аргентина со 68-те тренери во странство (сметано до 1 јуни годинава), во 22 земји, е на врвот на листата во анализата на фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) за потеклото на тренерите во опфатените 1.875 клуба од 128 лиги во 91 земја во светот.

Повеќето тренери од Аргентина во странство се активни во соседните земји, и тоа во Чиле (11 тренери), Перу (седум), Еквадор (шест)… Според ЦИЕС, само тројца Аргентинци имаат договор со европски клубови, и тоа Хернан Лосада во Белгија (Бершот), Диего Симеоне во Шпанија (Атлетико Мадрид) и Марсело Биелса во Англија (Лидс). На листата потоа следуваат Шпанија со 41 тренер во 21 земја, Србија со 34 тренери во 24 земји, Германија и Италија имаат по 27, Португалија 25 итн., пишува ЦИЕС.
Во однос на фудбалерите, ЦИЕС претходно ги рангира земјите во светот според бројот на нивни претставници, кои играле професионален фудбал во странство во текот на 2019 година. Бразил е на врвот на табелата (1.600 играчи) пред Франција (1.027) и пред Аргентина (972).

Вкупно, 186 национални асоцијации имале најмалку еден фудбалер во странство, во 141 лига од 93 земји вклучени во анализата. Од Бразил, Франција и од Аргентина се речиси една четвртина од вкупниот број странци во глобалниот фудбал (22,5 проценти), пишува ЦИЕС, на чија листа Македонија е застапена со 88 фудбалери.
Најмногу Бразилци играат во Португалија, Италија и во Јапонија, трите главни дестинации за француските фудбалери се Англија, Белгија и Луксембург, а на Аргентинците се Чиле, Мексико и Шпанија, објави ЦИЕС.