Светската атлетика донесе неколку упатства за натпреварувањата, за да се спречи ширењето на коронавирусот, како додавање хлор во водената пречка за трката стиплчејс, чистење на стартните блокови и штафетните палки помеѓу секоја трка, како и на душекот помеѓу секој скок во височина или скок со стап…

Светската атлетика (СА) смисли начини како да го ограничи ризикот од ширење на коронавирусот пред, за време и по натпреварувањата. Така, антивирусен песок, хлор во водената пречка, забрана за прегрнување по трките се некои од мерките што се предложени за заштита на спортистите и официјалните лица кога ќе се врати атлетиката на интернационалната сцена, објави „Би-би-си“.

Одделот за здравје и наука на СА подготви упатства за советување на организаторите на настаните. Исто така, се предлага да има пакет маски, средство за раце и марамчиња за секој спортист. Хлор треба да се додаде во водената пречка за трката стиплчејс (3.000 метри со пречки), а тренерите ќе бидат ограничени на советување на атлетичарите преку мобилни телефони.

Атлетиката во овој период направи обиди да се рестартира за време на пандемијата на коронавирусот, со на пример натпревари „од дома“ во скок со стап за мажи и за жени, а во четвртокот се одржаа т.н. Невозможни игри, преработена верзија на вообичаениот митинг во Осло од серијата Дијамантска лига.

Светската атлетика донесе уште неколку мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот. Овие мерки вклучуваат песокот во јамите за скокање да биде измешан со раствор што содржи биоразградлив и неагресивен за рацете вируциден агенс, хлор треба да се додаде во водената пречка за стиплчејс, стартните блокови и штафетните палки треба да се чистат помеѓу секоја трка, штафетните тимови се советувани да не се собираат или гушкаат по трка, маските за лице треба да ги носат сите на стадионот, освен спортистите кога се загреваат или се натпреваруваат, службените лица треба да го исчистат душекот помеѓу секој скок во височина или скок со стап, користејќи крпа и антибактериски раствор или да користат тенок слој рециклирана пластика или материјал што може да се стави врз душекот…