Њу ингланд патриотс ги совладаа Лос Анџелес рамс со 13-3 во 53-от Супербоул, кој беше одбележан со рекордно мал број на поени за еден финален меч во НФЛ-лигата во американски фудбал.

Претходниот неславен рекорд беше поставен на седмиот Супербоул помеѓу Мајами долфинс и Вашингтон редскинс, пред 46 години. Њу ингланд имаше и најмал број на постигнати поени меѓу победниците, а Лос Анџелес го изедначи најслабиот ефект меѓу поразените тимови со три поени (ист број како и Мајами во шестиот Супербоул).

Коментаторите се шегуваа дека ситуациите при кои имаше пант (шутирање на топката што подалеку кон голот на противникот, кога тимот напаѓа во четвртиот обид) беа најинтересниот дел од мечот.

– Сега станува интересно – кажа коментаторот Џим Ненц од Си-би-ес, во пресрет на пант-ситуација.

– Ова е тешко за гледање. Навистина, колку шутеви по ред можат да изведат – се пожали поранешниот славен котербек Тони Ромо, кој сега работи како стручен коментатор.

Но, шутот на Џони Хекер од Лос Анџелес навистина беше највозбудливиот потег на мечот, поставувајќи го рекордот за најдолг пант во финалните мечеви со далечина од безмалку 60 метри.

Бројни корисници на Твитер се шегуваа за слабото офанзивно издание на финалистите во НФЛ. „Фудбалот е спорт со малку погодоци“ се шегуваа Американците, алудирајќи на малиот број погодоци во фудбалот кој многумина во САД го сметаат за здодевен, во однос на американскиот фудбал. „Коментаторите се потсмеваат за здодевноста на мечот. Не се сеќавам дека ова се случило претходно. Но, тешко е да ги обвиниш“, напиша телевизискиот коментатор Марк Гринберг . „Прв Супербоул без тачдаун во првите три четвртини. Јас не ни следам американски фудбал, за да знам дека ова е најздодевниот меч досега“, гласи еден од коментарите.