Александра Гакидова

Зад мене стои екипа од искусни шаховски работници ентузијасти, а верувам дека со заедничка работа и со енергијата што ја има секој од нас ќе успееме повторно да го заживееме шаховскиот живот во Македонија, вели Гакидова

Александра Гакидова од Скопје, шаховска работничка, ентузијастка и вљубеничка во играта на „64-те полиња“, е новата претседателка на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ). Тоа е епилогот на Изборното собрание на ШФМ, кое се одржа во Скопје во неделата, а на кое присуствуваа претставници на 15 клуба, од 18 поканети. Гакидова, која по занимање е електроинженерка, доаѓа на местото на досегашниот претседател Благоја Богоевски, чиј двоен мандат заврши, а беше на чело на Федерацијата од 2012 година. По Лидија Софревска-Андонова, која беше претседателка од 2010 до 2012, Гакидова е втора жена што застанува на чело на ШФМ.
– Главни цели на ШФМ во наредните четири години се следниве: прво, поддршка на клубовите, помош во финансирањето за учеството на клубовите во системот на државни натпревари, Прва и Втора лига, машки и женски екипи. Второ, поддршка на репрезентациите, сениорска, машка и женска, јуниорска и обезбедување нивно учество на светските и на европските официјални натпревари.

Трето, организирање државни, екипни и поединечни јуниорски и сениорски првенства на Македонија. Четврто, развој на младинскиот шах и воопшто популаризација на шахот помеѓу младите. Се надевам дека ќе успееме да го вметнеме шахот во основните училишта уште од прво одделение. И петто, транспарентно водење на Федерацијата. Зад мене стои екипа од искусни шаховски работници ентузијасти, а верувам дека со заедничка работа и со енергијата што ја има секој од нас ќе успееме повторно да го заживееме шаховскиот живот во Македонија – изјави Гакидова за „Нова Македонија“ по нејзиниот избор.
Новиот управен одбор на ШФМ го сочинуваат: Агим Шемшиу (потпретседател на ШФМ), Тони Кироски (генерален секретар), Зоран Стојчевски, Лидија Софревска-Андонова, Горан Tимчевски, Сурија Таук, Драгош Калин и Зоран Шишковски.