Со учество на 25 возачи од дест клубови од земјава, стартуваше годинешниот шампионат во брзински автомобилизам на кружни патеки, што денес се возеше на автодромот во Кичево.

Возачите на АКК Никола Карев и овој пат беа најуспешни и  доминираа во повеќето класи. Во класа 1 првото место го освои Ристо Вуков од АКК ПСС пред Михајло Лазаревски  од Кастом Кар и Георги Наков од Примо АВЈ. Во оваа класа традиционално зедоа учество најголем број на возачи вкупно 11, а трката не ја заврши единствено Антонио Момировски.

Во класа до 1.600 кубни сантиметри првото место му припадна на Никола Попевски од АКК Никола Карев,второто место го освои неговиот клупски колега Филип Џуклеси, додека на третото место заврши Перо Георгиевски од АКК Кастом Кар. Во оваа класа четворица возачи не ја завршија трката, а бидејќи имаа извозено помалку од 15 кругови од вкупната должина на патеката, нивните пласмани нема да се бодуваат.

Во класа Е 1+ 2 000, првото место го освои Даниел Симиќ од АКК Никола Карев, на второто место заврши членот на Автоклиника, Екрем Мемиши, додека како третопласиран заврши Миле Тодоров од АКК Никола Карев.В о класа Е1-2 000 единствениот пласман го бележиме на Димитри Кимовски од АКК Примо АВЈ, додека трката во оваа класа не ја заврши Бојан Пешов од АКК Кастом Кар.

Технички организатор на првиот годинешен натпревар беше АКК Кастом Кар од Скопје, а наредниот натпревар во рамките на шампионатот на кружни патеки ќе се вози на истата локација на автодромот во Кичево, за една седмица. Патеката во Кичево е со должина од 2.050 метри, а возачите финишираа по 20 извозени кругови.