Ќе има помалку гледачи на трибините поради задолжителното физичко растојание, играчите ќе бидат во биобезбедносен „меур“  и веројатно ќе нема публика од странство, вели главниот извршен директор на Тенис Австралија, Крег Тајли

Организаторите на гранслем-турнирот Австралија опен во Мелбурн планираат помалку гледачи на трибините и комплетна биобезбедност за тенисер(к)ите во јануари 2021 година. Главниот извршен директор на Тенис Австралија (ТА), Крег Тајли, вели дека веќе е одлучено како ќе се одвива турнирот. Ќе има помалку гледачи на трибините поради задолжителното физичко растојание, играчите ќе бидат во биобезбедносен „меур“ и веројатно ќе нема публика од странство. Сите играчи од странство по пристигнувањето во Австралија, ќе бидат тестирани на ковид-19, ќе поминат извесно време во карантин, ќе престојуваат во еден од официјалните биобезбедносни хотели и на мечевите ќе патуваат со посебен превоз.
– Нема да ги достигнеме бројките од минатата година, кога имавме рекордни 821.000 гледачи. Нашите гледачи ќе бидат од Мелбурн, од државата Викторија, од други градови од Австралија, потенцијално и од Нов Зеланд, доколку се укинат ограничувањата на границата. Но 15 насто гледачи од странство најверојатно нема да бидат тука – изјави Тили во телефонското интервју за „Асошиејтед прес“.

Поради пандемијата на ковид-19 е откажан турнирот во Вимблдон и е одложен Ролан Гарос, кој треба да се игра од 27 септември до 11 октомври. САД опен во Њујорк е планирано да се одржи од 31 август до 13 септември.
– На двата турнира ќе има задолжително тестирање, различно ниво на карантин и ограничени влезови. Секако, и ние ги разгледуваме сите овие опции, па и повеќе, како дел од нашето сценарио за планирање. Доколку турнирите во Њујорк и во Париз бидат позитивни настани, тоа ќе ја врати довербата кај играчите и кај сите инволвирани и сигурно ќе ни помогне и нам тука во Мелбурн – вели Тајли.

Тој одржува редовни контакти со австралиските играчи, преку конференциски повици, и за нивните планови за настап во Њујорк или во Париз вели дека се „лична одлука“.
– Што и да одлучат, ние ќе ги поддржиме. Знам дека секој сака да игра на тие турнири и е подготвен да замине таму. Но треба да добијат дозвола да ја напуштат Австралија, да размислат за можен 14-дневен карантин кога ќе се вратат и како тоа ќе влијае на нивните тренинзи потоа, дали ќе им биде дозволено потоа да одат од Њујорк во Париз – вели Тајли.