Џудо федерацијата и Факултетот за физичко образование договорија соработка

63

Џудо Федерацијата на Македонија (ЏФМ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје потпишаа Меморандум за соработка, преку кој ќе се даде научна поддршка за реализација на развојната програма на федерација. Со научната и експертска поддршка од Факултетот ќе се овозможи едукација на кадрите, како и подигање на нивото на знаење и вештини кај членството на Федерацијата.

– Дел од развојната програма на Федерацијата е вклучување на институции и стручни лица од повеќе области кои можат да помогнат во развојот и унапредувањето на џудото во Македонија, и тој план започнува да се реализиран токму со овој Меморандум, како прв и многу значаен чекор. Џудото како спорт има перспектива во Македонија и работата на Федерацијата само ги потврдува капацитетите, кои што треба да ги стимулираме и да создадеме простор за уште поголема експанзија. Преку оваа соработка со Факултетот за физичко образование, нашето членство ќе добие значајна помош и стручна поддршка – изјави Владимир Трпаноски, претседател на ЏФМ.

За исполнување на целите на соработката, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе изготвува и реализира истражувачки проекти поврзани со џудото, како и тестирања за антрополошкиот статус на џудистите од различни возрасни категории, со препораки за подобрување на нивниот развој. На тој начин ќе даде голем придонес во институционализирање и професионализирање на џудото како спорт.

– Унапредувањето на џудо културата и спортот во Македонија е од големо значење за секого, пред се заради големиот интерес и потенцијал што постои во Македонија. Федерацијата прави многу за популаризација на овој спорт и тоа преку едукацијата за џудото, па токму во таа насока е и оваа соработка, само подигнато на повисоко ниво – истакна проф. д-р Ленче Алексовска Величковска, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.