Љубомир Спасиќ меѓу водечките кајакари во Европа

1554

Најдобриот македонски кајакар, Љубомир Спасиќ моментно е на седмата позиција на Европската ранг листа во конкуренција на 55 натпреварувачи, односно 60-ти меѓу 201 кајакар на Светската ранг листа.

Тој во изминатите три викенда настапи на неколку натпревари во рамките на Европскиот куп во кајак на диви води, во дисциплината спуст.

Во првото коло на реката Треска, кај Матка, учествуваа четворица кајакари од Македонија меѓу кои најдобро пласиран беше Љубомир Спасиќ, на петтото место. Александар Златаров беше деветти, Енис Небиовски 15-ти, а Виктор Миланов беше 19-ти, меѓу 21 натпреварувач.

Второто коло од Европскиот куп, како и Интернационалниот натпревар во класик што се бодува за Светската ранг листа се одржа во Осилница, Словенија. Таму Спасиќ беше седми во класик меѓу 22 кајакари, а на трката за Европскиот куп, беше 16-ти.
На класик натпреварот во Светската серија во Бања Лука, БиХ (на 5 км), Спасиќ беше деветти, а на трката за Европскиот куп, 22-ри по првото возење. Потоа поради високиот водостој на реката Врбас натпреварот беше прекинат и се сметаа резултатите од тоа прво возење.

Во мај и во јули следуваат настапите на Светското првенство (СП) и за Светскиот куп (СК) и за очекување е Спасиќ да го подобри својот ранкинг и да биде помеѓу 30-те најдобри светски кајакари. Во август тој ќе настапи на натпреврите во Европскиот куп на кои ќе се обиде да забележи добри резултати и да се пласира на едно од првите три места. Л.Д.