Јуниорите ги завршија базичните подготовки во Маврово

181

Македонската јуниорска боречка репрезентација, предводена од селекторот Лулзим Вренези и неговиот помошник Давор Тасев, во Маврово ги завршија подготовките во пресрет на Европското првенство (ЕП) во Скопје годинава (19-25 октомври).

– Подготовките, кои поради изборите траеја три дена пократко, а беа во организација на Федерацијата на боречки спортови на Македонија (ФБСМ), успешно ги завршивме. Поради соодветните услови, базичните подготовки беа одвоени и се состоеја од фитнес-тренинзи во сала, крос-трчање, пешачење по убавите природни терени, секако со носење заштитни маски. Сите борачи се здрави, а единствено жалат што немаа тренинзи на душек, кој е мошне значаен на вакви подготовки, како и користењето на хотелскиот базен, но условите поради коронавирусот тоа не го дозволуваа – ни изјави селекторот Вренези.

Извршниот одбор (ИО) на Обединетото светско борење (УВВ) реши Скопје да биде домаќин на ЕП за јуниори на 30 јуни годинава, но поради пандемијата на коронавирусот, тоа беше одложено.

– Се надевам дека јуниорското ЕП овој пат ќе се одржи во предвидениот датум во Скопје. Ја темпираме формата токму за ова ЕП, кое беше одложено, па евентуално ново оложување може да дејствува негативно врз формата и мотивацијата на борачите. Во таа насока, на почетокот на август во Штип треба да ја одржиме и втората фаза на јуниорските подготовки – вели Вренези.