Јубилеј во Кицбил – 80-ти пат спуст на најопасната патека во светот

323

Скијањето во Кицбил е застрашувачко искуство, тоа е врвен тест за скијачите, кои на патеката достигнуваат брзини и до 140 км/ч. Патеката (3.312 метри) е преполна со „стапици“, скокови и со стрмни делови, најбрзо ја извозел Штробл во 1997 година (со просечна брзина од 107 км/час), најголемата брзина ја достигнал Валхофер во 2006 година (153 км/ч)…

На планината Ханенкам, во скијачкиот центар во околината на градот Кицбил, се наоѓа најопасната скијачка патека во светот, која викендов 80-ти пат ќе им биде домаќин на најдобрите и најхрабри алпски скијачи. Скијањето на Ханенкам е застрашувачко искуство, од почетокот до крајот, тоа е врвен тест за скијачите, кои на патеката достигнуваат брзини и до 140 км/ час.

Патеката, која годинава го слави 80-то издание од првото, одржано во март 1931 година, е преполна со „стапици“, со скокови и со стрмни делови прекриени со мраз.

Скокот наречен „стапица за глувци“, кој следува само по осум секунди од стартот, со косина од над 85 отсто, ги лансира скијачите и до 80 метри во воздухот пред да атерираат на патеката. Патеката е долга 3.312 метри (висинска разлика 860 метри), а најбрзо ја извозел Австриецот Фриц Штробл, во 1997 година, за само 1:51:58 минута, или со просечна брзина од 107 км/ час. Најголемата брзина, неверојатни 153 км/час, ја достигнал неговиот сонародник Михаел Валхофер во 2006 година. Најуспешен, со пет победи, е Швајцарецот Дидие Куш (1998, 2008, 2010, 2011 и 2012). Лани победи Италијанецот Доминик Парис, кој нема да настапи поради повреда на лигаментите на последниот тренинг.

Утре се вози супервелеслаломот, спустот е в сабота, а слаломот е в недела. Организаторите објавија дека вкупниот награден фонд ќе изнесува 750.000 евра, речиси двојно повеќе отколку на другите трки, од кои победниците во спуст и во слалом ќе добијат по 100.000 евра (второ и третопласираните по 50.000, односно 25.000). За најдобрите во супервелеслалом се обезбедени 68.500, 34.250 и 17.100 евра. Неделава во Кицбил владее вистинска фестивалска атмосфера. Сѐ е преполно со љубители на скијањето, а во градот и во околината може да се сретнат познати славни личности и спортски sвезди. На целта и околу скијачката патека викендов се очекуваат над 80.000 гледачи.