Јубилеен 50-ти епски дуел Федерер – Ѓоковиќ

372

Ѓоковиќ во три сета го елиминира Раониќ, а Федерер спаси седум меч-топки против Сандгрен, по што 50-ти пат ќе се сретнат меѓу себе, четврти пат во полуфинале на Австралија опен и првпат по незаборавниот дуел лани во финалето на Вимблдон

Очекувано полуфинале на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен. Бранителот на титулата, седумкратниот победник во Мелбурн, Новак Ѓоковиќ, против шесткратниот победник, рекордерот по бројот на гранслем-титули (20), Роже Федерер. Ѓоковиќ (32), кој има 16 гранслем-титули, во четврт-финалето го совлада Милош Раониќ со 6-4, 6-3, 7-6, а Федерер беше поуспешен од стотиот рангиран, Американецот Тенис Сандгрен, 6-3, 2-6, 2-6, 7-6 (8), 6-3, откако спаси дури седум меч-топки во четвртиот сет.

Двајцата тенисери ќе го играат 50-от меѓусебен меч (скорот е 26-23 во победи за Ѓоковиќ, кој славеше на четири на претходните пет меча). За Федерер (38) ова ќе биде шанса да му се реваншира на Ѓоковиќ за поразот во ланското финале на Вимблдон. Федерер нема многу успеси во дуелите против Ѓоковиќ во Мелбурн. Тој загуби три полуфиналиња, во 2008-та и 2011-та без освоен сет, а во 2016-та доби еден сет. Ѓоковиќ ќе го игра осмото полуфинале во Мелбурн, во кое никогаш не бил поразен.

– Огромна почит кон Роже. Тој е еден од најдобрите тенисери на сите времиња, дефинитивно еден од моите двајца најголеми ривали. Мечевите со Роже и со Рафаел Надал ме направија играч каков што сум денес – рече Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ има ефект од 73-8 победи-порази во Мелбурн и доколку го крене трофејот в недела, ќе стане третиот тенисер што освојува еден гранслем-пехар најмалку осум пати, заедно со 12-кратниот шампион на Ролан Гарос, Надал, и осумкратниот победник на Вимблдон, Федерер. Федерер 15-ти пат е во полуфиналето, како највозрасен, по Кен Розвел во 1977-та. Тој ја прокнижи 102-та победа во Мелбурн, негов најуспешен гранслем-турнир во однос на добиените натпревари, една повеќе од Вимблдон (101).

На турнирот за жени пласман меѓу најдобрите четири обезбеди светската тенисерка број 1, Ешли Барти, која е првата Австралијка полуфиналистка во Мелбурн по 36 години. Таа во полуфиналето ќе игра со Американката Софија Кенин. Тој меч ќе биде реприза од дуелот во четвртата рунда на Ролан Гарос лани што го доби Барти.


Иванишевиќ и Мартинез во Куќата на славните

Шампионите на Вимблдон, Хрватот Горан Иванишевиќ и Шпанката Кончита Мартинез, избрани се за влез во меѓународната тениска Куќа на славните. „Класата 2020“ беше објавена за време на Австралија опен, каде што Иванишевиќ и Мартинез се во својство на тренери на Новак Ѓоковиќ, односно на Гарбине Мугуруза. Како активни играчи стигнаа до четврт-финалето во Мелбурн. Пригодната церемонија ќе биде одржана на 18 јули во Њупорт, Род Ајленд, САД, каде што се наоѓа Куќата. Иванишевиќ победи на Вимблдон во 2001 година, откако на турнирот влезе по покана од организаторите. Мартинез беше шампионка на Вимблдон во 1994 година.