Јашари со историска бронза на кадетското ЕП

130

Македонскиот џудист Хамза Јашари, член на клубот Миоки од Скопје, го освои првиот медал за Македонија на Европското првенства (ЕП) за кадети, кое викендов се одржа во Сараево. Со пет победи и еден пораз Јашари стигна до бронзениот медал во категоријата до 66 кг, што наедно претставува и прв медал за Македонија во таа категорија од ЕП.
– Со својата врвна натпреварувачка форма, Јашари едноставно доминираше на татамите. Беше блиску до финалето, но и бронзениот медал е како злато за Македонија, бидејќи е прв медал од европските првенства – задоволно вели тренерот Игор Паскоски.
Јашари забележа победи над своите врсници од Летонија, Босна и Херцеговина, Романија и од Турција, а беше поразен од претставникот на Шпанија. Во борбата за третото место, Јашари за само десетина секунди го совладал Германецот Денис Мауер и стигна до историскиот медал.
На ЕП во Сараево на кое настапија 457 натпреварувачи од 42 земји, боите на Македонија покрај Јашари, уште ги бранеа и Резарт Хусени (до 60 кг) од ЏК Ипон и Еди Шерифовски (до 73 кг) од ЏК Миоки. Та.Д.