Јапонија разгледува опција за „поедноставени“ Игри

63

Одржувањето на Олимписките и на Параолимписките игри бара поддршка и разбирање од граѓаните на Токио и од јапонскиот народ. Затоа треба да се рационализира она што треба да се рационализира и да се поедностави она што треба да се поедностави, изјави гувернерот на Токио, Јурико Коике

Гувернерот на Токио, Јурико Коике, изјави дека можеби е неопходно да се одржат „поедноставени“ Летни олимписки игри (ЛОИ) следната година, како резултат на влијанието на пандемијата на коронавирусот и оти организаторите веќе дискутирале за можните промени, објави „Ројтерс“. Коментарите на Коике доаѓаат откако весникот „Јомиури“ напиша дека организаторите разгледувале различни опции, како што се задолжителното тестирање за коронавирус и помалку гледачи на спортските објекти.

Џон Коутс, шеф на инспекторатот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за Токио, изјави дека проблемите поврзани со коронавирусот им се закануваат на Игрите и оти организаторите мора да почнат со планирање за она што може да бидат „многу поинакви“ Игри доколку нема знаци дека ковид -19 ќе се искорени. Коике не влезе во детали, но рече дека ваквите дискусии се неопходни.
– Одржувањето на Олимписките (ЛОИ) и на Параолимписките игри (ПОИ) бара поддршка и разбирање од граѓаните на Токио и од јапонскиот народ. Затоа треба да се рационализира она што треба да се рационализира и да се поедностави она што треба да се поедностави – изјави Коике.

„Јомиури“, повикувајќи се на извори од Владата и од Организацискиот комитет на Игрите, објави дека задолжителните тестови за сите гледачи, покрај оние за спортистите и за персоналот, како и ограничувањето на движењето, во и надвор од олимпиското село, биле меѓу опциите за кои Јапонија ќе разговара со ИОК, пишува „Ројтерс“.
Интернационалниот олимписки комитет и јапонската влада во март донесоа одлука за одложување на Игрите, кои требаше да почнат во јули, за следната година поради коронавирусот.