Јадранка Недева-Јарчевска – колекционерка на медали

122

Светското првенство во Каиро во најубаво сеќавање. Недева-Јарчевска е една од најквалитетните светски претставнички во традиционално карате. Таа има освоено по два златни медалa од светските и од европските првенства, а има неколку триумфи на балканијадите и на многу други меѓународни натпревари

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (174)

Приказната за Недеви, кое е едно од најпознатите спортски семејства чија афирмација беше пред сѐ во традиционалното карате, ќе ја продолжиме со женскиот член од семејството, Јадранка. Таа е близначка со Дејан, 40 минути е постара од него, а една година е помлада од братот Аљоша. Сите тие, на чело со својот татко Венцислав, припаѓаат на самиот врв на светското традиционално карате и имаат освоено титули на најголемите светски приредби. Јадранка е вистинска колекционерка на медали во женскиот спорт во Македонија. Таа, покрај многуте трофеи, има и по два златни медала од светските и од европските првенства. Ова се резултати што најубаво зборуваат за нејзините квалитети и ја рангираат во светот на спортските мегаѕвезди, што егзистира не само на нашите туку од балканските до светските простори. Кога се зборува за Јадранка и за нејзините постигнувања, никако не смее да се заборави фактот дека таа, иако ветеранка во овој спорт, уште им држи лекции на помладите и освојува медали на големите натпревари. Како потврда на ова е податокот дека минатата година, со полни 39 години, Јадранка стана европска првенка на шампионатот во Питешти (Романија). Иако мајка, со две деца и со голем број семејни и работни обврски, сепак љубовта кон каратето како да ја тера уште да оди по победничките патеки и да ужива во спортските победи, на кои е навикната уште од пионерските денови.

ОД МАЛИ НОЗЕ НА ТАТАМИТЕ

Некако нормално беше, со оглед на веќе создадената традиција во семејството, секој нов член ако сака да спортува, да оди во каратето.
– Моето доаѓање во спортот што стана составен дел на мојот живот дојде како нормален епилог на случувањата во нашето семејство. Зарем можев да помислам на некој друг спорт, кога почнувајќи од татко ми, па браќата Аљоша и Дејан, сите од рана возраст застанаа на татамите. Така, и јас со неполни шест години се најдов во салата на КК Работнички, која во тој период не беше како денешнава, модерна и удобна за изведување тренинзи, туку беше сала недоволно осветлена и со разнишан паркет, со недоволен број татами. Дури подоцна ние, а и генерацииве што сега се занимаваат со традиционално карате добивме навистина идеални услови за тренинг – вели Јадранка.
Првите настапи на Јадранка ѝ беа во пионерска конкуренција. Како и секој почеток, и нејзиниот не беше лесен, имаше победи, но и порази. Она што беше карактеристично за неа, се разбира потпомогната од таткото и двајцата браќа, беше оптимизмот, кој никогаш не ја напушташе.

– Настојчивоста беше една од моите главни особини. Знаев дека само со работа и со тренинг можам да дојдам до посакуваните резултати. Така, со браќата бевме една тројка што не испушташе ниту настава во училиште ниту тренинг во салата. Некогаш пред натпреварите имавме и по два тренинга. Наутро футинг, а попладне, па до вечерните часови тренинг во сала. Имаше време и за учење, зашто знаевме дека не се живее само од успесите во спортот, туку требаше да мислиме и за нашата иднина, што потоа – продолжи Јадранка.
Јадранка на првите натпревари на кои некогаш имаше и поголема трема од вообичаената, ги слушаше советите на своите браќа. Тие ѝ даваа морална поткрепа и многу ѝ помагаа охрабрена да влезе во дуел со противничките или, пак, да биде максимално концентрирана за изведба на катите. Во оваа дисциплина имаше, особено во екипниот дел, одлична соработка со Маја Златевска, потоа со Анита и со Елена Тренчевска.

ДВЕ ЗЛАТА НА ЕП ВО СКОПЈЕ ВО 1998 ГОДИНА

Настојчивата работа и победите на домашната сцена ѝ го отворија патот за настап на Европското младинско првенство во Скопје во 1998 година.
– На овој шампионат бев особено инспирирана. Морав да се докажам и да стигнам до медал. Овој оптимизам беше присутен кај мене, особено што претходно на БШ во Ваљево го освоив првиот бронзен медал. Но настапот во Скопје беше нешто друго, навивачи, домашна публика, другарите и другарките на трибините. Сето тоа особено ме мотивира. И навистина дојде и резултатот. Во дисциплината ембу заедно со Андреевски го освоивме првото место, а потоа јас триумфирав и во кумите. Двата златни медала беа причина за голема радост, не само за мене туку и за гледачите, а и за целото мое семејство. Сите бевме среќни, патот кон нови успеси веќе беше отворен – вели Јадранка.
Сега погледите беа свртени кон сениорските настапи.

– Кај сениорките конкуренцијата беше пеколна. Тука беа Јужноамериканките и претставничките од Европа, од кои посебно силни беа Италијанките, Романките и Украинките. Токму со нив ги имав и најжестоките дуели во борба за сениорските медали на европските и на светските првенства – продолжи Недева.
Интересен беше пробивот на Недева кон европскиот сениорски врв. По 2000 година, таа на три ЕП едноподруго ги освојуваше третите места, во Москва, Белград и во Киев. Во меѓувреме се редеа светски и европски купови, на кои речиси редовно беше меѓу осумте најдобри, но ниту еднаш не стигна до пиедесталот. Сепак, сѐ се заборави кога дојде Светското првенство (СП) во Каиро во 2014 година.

ПРВА СВЕТСКА И ЕВРОПСКА ТИТУЛА

Сите маки, непроспиени ноќи, напорни патувања и тешки борби, сето тоа ги фрлија во заборав радосните мигови доживеани на СП. Настапот во главниот град на Египет засекогаш ќе остане во нејзините најубави спомени.
– Како да беше вчера, тие доживувања не се забораваат. Таму ја освоив првата од двете титули, светска шампионка. Победив во дисциплината кого кумите, а во фукого бев втора. Така, дома се вратив со два медала, кои засекогаш ќе имаат почесно место во моите витрини. Бев горда и среќна што со 34 години се искачив на светскиот врв – со треперлив глас зборува Јадранка за настапите во Каиро.
За да ја потврди својата висока класа, Недева следната година триумфира во фукуго на Европскиот куп во Париз. Иако овој триумф имаше голема специфична тежина, сепак, таа посакуваше злато и од ЕП, па, така, со нетрпение го очекуваше 32-то ЕП, во 2016 година во Крањска Гора, Словенија.
– Таму отпатував со единствена желба кон светската да ја додадам и европската титула. Беше тешко, сите очи на ривалките беа вперени во мене, јас им бев главната цел. Но колку што тие посакуваа да ме победат, јас уште повеќе горев од желба да стигнам до триумф. Веќе немаше што да се тактизира, ги знаев противничките, меѓу кои најсилни беа Италијанките, а и самата знаев во каква форма се наоѓам. Затоа, стиснав заби и тргнав во поход кон титулата. На крајот, со победите во полуфиналето и во финалето токму над Италијанките, го освоив европското злато во фукуго, а во кумите бев трета – се сеќава Јадранка.

По овие настапи и победи воопшто не спласнуваа желбите кај Недева за нови докажувања и за нови победи. Така, таа во Питешти (Романија) беше европска првенка во кати, во Штутгарт (Германија) во истата дисциплина светска првенка, а во кого кумите и фукого го освои второто место. Сите овие резултати, за кои веруваме дека не се последни во кариерата на Јадранка Недева-Јарчевска, најубаво покажуваат за колку квалитетна спортистка се работи и дека со сето она што го има постигнато и со целокупниот свој опус таа е во редот на легендарните македонски спортистки.


ЈАДРАНКА НЕДЕВА

Родена: во 1980 година во Скопје
Кариера: карате-клуб Работнички и репрезентација на Македонија во традиционално карате
Успеси: по две титули европска (Крањска Гора и Питешти) и светска првенка (Каиро и Штутгарт), а по двапати втора и трета на СП и еднаш втора и пет пати трета на ЕП за сениорки, двапати прва на ЕП во младинска конкуренција, балканска шампионка и вицешампионка