Јагодите од Вимблдон годинава се наменети за здравствените работници

102

Првпат по Втората светска војна нема натпревари на Вимблдон, па затоа „Сеанглискиот клуб“ им донира по 200 пакувања јагоди дневно на здравствените работници во југозападниот дел на Лондон, во знак на благодарност за нивните напори за време на пандемијата на коронавирусот. Зелената трева, задолжителната бела опрема на тенисер(к)ите и црвените јагоди се „заштитните знаци“ на Вимблдон, турнир што се игра од 1877 година

ТЕНИС

Јагодите што љубителите на тенисот вообичаено ги јадеа за време на двенеделните натпревари на гранслем-турнирот во Вимблдон годинава им се испраќаат на вработените во Националниот здравствен систем (НЗС) во Лондон и на вработените во првите здравствени редови, во знак на благодарност за нивните напори за време на пандемијата на коронавирусот, објави „Ројтерс“.
Годинашниот гранслем-турнир во Вимблдон, кој традиционално се одржува во последната недела од јуни и во првата од јули, е откажан, тревните терени се празни, а ги нема ниту јагодите на тезгите. Првпат по Втората светска војна нема натпревари на Вимблдон, па затоа „Сеанглискиот клуб“ им донира по 200 пакувања јагоди дневно на здравствените работници во југозападниот дел на Лондон.

– Од откажувањето на турнирот, ние сме фокусирани да направиме што е можно повеќе за да ѝ помогнеме на локалната заедница што се соочува со многу тешкотии предизвикани од коронавирусот. Презадоволни сме што се пријавија многу доброволци да учествуваат во делењето на јагодите – вели директорот на клубот Ричард Луис.
Вимблдон обезбедува и по 200 топли оброци дневно за локалните општини. Во тие оброци сега ќе има и свежи јагоди. За време на турнирот на Вимблдон се јадат околу 27.000 килограми јагоди и околу 7.000 литри крем.
Зелената трева, задолжителната бела опрема на тенисер(к)ите и црвените јагоди се „заштитните знаци“ на Вимблдон. „Врската“ помеѓу јагодите и Вимблдон, турнирот што почна во 1877 година, не е баш најјасна. Но главната теорија е дека има врска со временските услови.

– Нашата претпоставка е дека во раните години на Вимблдон, сезоната на јагоди била многу кратка и се совпаѓала со турнирот. Така веројатно почнала таа „врска“, која со текот на годините прерасна во традиција – вели Роберт Мекникол, библиотекар во „Сеанглискиот клуб“.
Околу терените, организаторите и навивачите сериозно ги сфаќаат јагодите. Во официјалната продавница може да купи кафе со јагоди, но и приврзоци и магнети. Се продаваат и крпи за на плажа од Вимблдон декорирани со јагоди во различни бои.
Вимблдон ги добива јагодите од фарма во Кент, област во југоисточна Англија. Тие се берат на изгрејсонце, идентични се по форма и тежина, и свежи секојдневно се испорачуваат до Вимблдон. Кремот доаѓа од фарма во Ланкашир, во северна Англија. На турнирот се сервираат над 150.000 порции јагоди, во кои има најмалку по 10 во малата кутија, а лани се продаваа по 2,50 фунти (околу три евра).