Ѓорческа полека влегува во форма по долгата пауза

155
Фото: Дарко Андоновски

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во полуфиналето на ИТФ фјучрс-турнирот во Баја, Унгарија, кој се игра на земјена површина и за награден фонд од 25.000 долари.
Во четврт-финалето Ѓорческа загуби од Унгарката Река-Лука Јани со 1-2, по сетови 6-3, 3-6 и 2-6.

Ѓорческа поради повредата на зглобот на левата рака паузираше подолго време, од август лани и настапот на Отвореното првенство на САД во Њујорк. Потоа се лекуваше, по што следуваа и операцијата во Минхен, Германија, и неколкумесечната мачна рехабилитација. Првиот официјален настап годинава го имаше кон крајот на мај, во Португалија, по што следуваа турнирите во Шведска, Шпанија и во Унгарија.
Поради долгата пауза Ѓорческа моментално е на 669-та позиција на ВТА ранг-листата во поединечна конкуренција, далеку под 170-то место, најдобро во кариерата, од 12 јуни 2017 година.