Ѓоковиќ славеше во историското финале на Вимблдон

379

Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ (32) го совлада големиот ривал Роже Федерер (37) во историското финале на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, славејќи во пет сета, во меч што траеше четири часа и 55 минути.

Ова беше прво финале на Вимблдон одлучено по тајбрејк во петтиот сет (7-6, 1-6, 7-6, 4-6, 13-12). Правилото за играње на тајбрејк во петтиот сет при резултат 12-12 во гемови, беше воведено на престижниот гранслем-турнир годинава.

Маратонскиот меч изобилуваше со пресврти и неизвесност, а Ѓоковиќ спаси две меч топки во одлучувачкиот сет, за да слави.

„Кој и да победи, ова е меч на векот“, „овој меч ќе остане ѕвезда водилка за светот на тенисот“, „еден од најдобрите тениски натпревари на сите времиња“, гласат дел од коментарите на тениските љубители на Твитер.

Ѓоковиќ на тој начин стигна до неговиот 16-ти гранслем-трофеј (петти на Вимблдон), со што се доближи до Шпанецот Рафаел Надал (18 трофеи) и до Швајцарецот Федерер (20) на листата на најуспешни тенисери на гранслем-турнирите.

Ѓоковиќ сега има 26 победи во 48 меѓусебни дуели со Федерер, од кои три се во финалните мечеви на „Вимблдон“ (претходно славеше во 2014 и во 2015 година).