Шутова не отпатува во Струмица на првиот полуфинален плејоф-меч

1236

Одбојкарите на Шутова не отпатуваа на првиот полуфинален плејоф натпревар што требаше денес да се одигра во Струмица со почеток во 17 часот, каде како домаќин беше истоимената екипа од овој град. Кичевскиот прволигаш уште во неделата се обратил до структурите на ОФМ за да им излезе во пресрет првиот плејоф натпревар да се одигра во друг термин, или да се помести саатницата, од попладневен во вечерен термин. Но од сето тоа што било предложено од страна на кичевскиот прволигаш, не било прифатено од екипата на Струмица.

– Имајќи го предвид фактот што повеќето наши одбојкари во текот на неделата имаат свои обврски надвор од Кичево, а живеат и работат во други средини, побаравме од екипата на Струмица првиот плејоф натпревар да се помести за неколку часа или за друг ден, за да ги имаме на располагање сите одбојкари кои редовно настапуваат за нашата екипа – рече директорот од Шутова, Башким Мехмеди. 

Тој додава дека клубот доставил барање и до Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

– Кај екипата на Струмица не наидовме на разбирање за нашата молба и тие одречно ги отфрлаа нашите предлози мечот да се одигра во подоцнежните саати, или да се помести во друг ден. За овој проблем доставивме барање и до комесарот за натпревари Дејан Симовски, како и до претседателот на ОФМ, Зоран Карановиќ, кои ветуваа дека проблемот ќе се разреши на обострано задоволство. Но за жал, нашите надежи и очекувања дека проблемот ќе се разреши, сепак, останаа само на хартија. Свесни сме дека првиот натпревар ќе го загубиме со службен резултат од 0-3, и ни преостанува во фер и спортски натпревар во сабота да ја дочекаме екипата на Струмица, во вториот дуел во полуфиналето на плејофот – додаде Мехмеди.

З.А.