Шутова го најде лекот за непобедливата Струмица

714

Препородениот состав на Шутова и го нанесе првиот пораз на непобедливата екипа на Струмица и актулениот првак беше поразен на гостувањето во Кичево со убедливи 3-0. Домаќините во сите три сета доминираа на паркетот, а нивната инспиративна игра и желба за триумф, ги доведе до најважните три бода во оваа првенствена сезона.

Во првиот сет проследивме целосна доминација на екипата на Шутова и за цело време нивното водство континуирано се зголемуваше и во сите сегменти на одбојкарската игра домаќинот беше подобар од актуелниот првак. Впрочем и резултаот од овој сет 25-17 за Шутова, најдобро зборува за односот на силите на теренот. Во вториот сет гостите имаа нешто подобар почеток, поведоа со 5-1 и 6-2,  но како тоа да беше аларм за домаќините, кои го подигнаа нивото на својата игра и резултатската негатива ја претворија во триумф и во овој сет со 25-19. Во третиот сет проследивме најизедначена игра и резултатска нишалка во поголемиот дел од сетот. Сепак во самиот финиш домаќините со неколку успешни блокови и ефектни напади, го скршија отпорот на гостинот и го решија сетот во своја корист со резултат 25-23.

Во домашната екипа немаше слабо место, сите одбојкари што настапија го дадоа својот максимум, но повторно ќе ја истакнеме маестралната игра на бразилецот Вилијан Цезар, кој беше нерешлива загатка за гостите од Струмица како во нападот така и при сервисот.

Инаку мечот се одигра пред полна сала и во бразилска атмосфера, збогатена и со музички оркестар и други навивачки реквизити.Сите беа единствени дека вакви одбојкарски натпревари на нашата земја и се потребни во повеќе наврати.

З.А.