Шнидер победи на првиот турнир во нуркачки шах во Грац

93

„Пред да одиграте потег, длабоко вдишете за да се смирите“, можеби е добар совет за нервозните играчи, но дефинитивно беше добар совет за 13-те шахисти што учествуваа на првиот турнир во нуркачки шах, кој се одржа во Грац, Австрија. Во оваа шаховска дисциплина можеше да се размислува онолку долго колку што играчот можеше да го задржи здивот под вода. На турнирот, кој беше одлично прифатен и дефинитивно ќе продолжи и идната година, победи интернационалниот мајстор (ИМ) Герт Шнидер (2.343 рејтинг-поени) со четири поени од пет партии.
– Планираме и спроведуваме иновативни форми на движење. Шахот е традиционален спорт, но би сакале да го заживееме и во забавен спорт, како што е нуркачкиот шах – изјави генералниот секретар на Австриската деловна асоцијација, Флоријан Рам, задоволен од успешната премиера.

Квалитетот на турнирот беше висок. Меѓу другите, играше и поранешната национална шампионка од 2013 и 2018 година, женскиот интернационален мајстор (ЖИМ) Вероника Екслер, која го освои третото место со 3,5 поени.
– Беше многу забавно. Ако нуркачкиот шах беше официјален спорт, јас веднаш би се заменила со класичниот – рече Екслер.
Се играше во базен, на шаховски табли и фигури приспособени за во вода. Правилата беа едноставни, шахистот може да размислува пред да одигра потег сѐ додека може да го задржи здивот под вода. Ако не успее да одигра потег, според правилата, партијата е загубена. За друго важеа правилата како и кај класичниот шах. Слично нешто (повеќе од ревијален карактер, а со идеја во иднина да се одржуваат и вистински светски првенства) се одржа во Охридско Езеро за време на Европскиот клупски куп во шах пред 11 години, кога покрај македонските шахисти-нуркачи, имаше и преставници од Ниш.