Шифрин повторно ќе скија, сега со нови цели и слоган

63

Во минатото бев нервозна пред трките, чувствував голем притисок. Тоа беше дел од мене, сакав да бидам најдобра, да победувам. Но сега на сите работи гледам од многу поинаков агол, не се оптоварувам толку многу, изјави Шифрин, која ќе се трка и со новиот слоган „Биди добар. Прво размисли. Забавувај се“, од нејзиниот татко

Американката Микаела Шифрин, една од најдобрите светски скијачки, освојувачка на два олимписки златни медала, петкратна светска шампионка и трикратна победничка во Светскиот куп (СК), по пауза од осум месеци се подготвува за настап на првата трка во новата сезона, на 17 октомври во Зелден, Австрија. Шифрин предвреме ја заврши ланската сезона, со трките во супервелеслалом и во спуст во Банско, Бугарија, кон крајот на јануари и по смртта на својот татко Џеф на 2 февруари. Шифрин (25) вели дека за новата сезона си поставила големи цели.
– Во минатото бев нервозна пред трките, чувствував голем притисок. Тоа беше дел од мене, сакав да бидам најдобра, да победувам. Но сега на сите работи гледам од многу поинаков агол, не се оптоварувам толку многу – изјави Шифрин во интервјуто за НБЦ.
Поради смртта на нејзиниот татко, но и поради ковид-19, сите планови, како и подготовките за новата сезона, за Шифрин добија поинаков тек. Таа вообичаено дел од летните подготовки ги правеше на јужната хемисфера, но сега мораше да остане во САД и да тренира во Колорадо и во Орегон. Поради тоа помина помалку денови на снег, како никогаш порано во кариерата. Но затоа се фокусира на тренинзите за сила и поради ковид-19, како и повеќе спортисти во светот, тренираше во гаражата претворена во вежбалница под визуелен надзор на својот фитнес-тренер.
– Чувствувам дека сум посилна од кога било – вели Шифрин.

Таа планира во новата сезона да има две специјални етикети на кацигата. Првата е стара, со иницијалите АБФТТБ за „Секогаш биди побрза од момчињата“, а на втората е слоганот „Биди добар. Прво размисли. Забавувај се“, зборовите или „старите правила“ на таткото на Шифрин, кој тој им ги всади на Микаела и на нејзиниот постар брат Тејлор, поранешен скијач.
Шифрин досега забележа 66 победи во СК и е на добар пат да ја достигне и да ја престигне сонародничката Линдзи Вон, која има 82 победи, само четири помалку од рекордните 86 на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк. Една победа повеќе во СК од Шифрин има уште Австриецот Марсел Хиршер.