Шифрин победи по една година и влезе во „клубот 100“

54

За Шифрин тоа беше 68-та победа во Светскиот куп и 100-то искачување на победничкиот подиум

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Американката Микаела Шифрин, по пауза повеќе од една година, ја забележа првата победа во Светскиот куп (СК) на ноќниот слалом во Флахау, Австрија. Претходно таа триумфира на 29 декември 2019 година во Линц. Второто и третото место ги освоија Австријката Катарина Линсбергер и Швајцарката Венди Холденер, а четвртото Петра Влхова од Словачка, најдобрата во слалом во минатата сезона, која сезонава победи на три од четирите слаломски трки.
За Шифрин (25) тоа беше 68-та победа и 100-то искачување на победничкиот подиум во СК. Таа е осмата меѓу скијачите во 54-годишната историја на СК, со 100 и повеќе победнички подиуми (едно од првите три места). Кај жените поуспешни од неа во оваа категорија се Линдзи Вон (137), Анемари Мозер-Прел (114), Ренате Гечл (110) и Френи Шнајдер (101). Кај мажите, Ингемар Стенмарк има 155, Марсел Хиршер 138 и Марк Џирардери има 100 победнички подиуми.
Шифрин ја прокнижи 44-та победа во слалом, рекордна во една дисциплина во СК, една повеќе од Вон, која има 43 во спуст. Шифрин го помина и Австриецот Хиршер, кој има 67 победи во СК. Поуспешни од неа се само легендарниот Стенмарк со 86 и Вон со 82 победи. Ова беше последна слаломска трка во СК пред Светското првенство во Кортина д’Ампецо идниот месец, каде што Шифрин ќе се обиде петти пат да ја освои титулата.