Шаховски тренинг преку Скајп

354
Орце Данчевски

Сметам дека преку интернет-комуникацијата шаховските часови се уште поефикасни, иако недостигаат вообичаеното дружење покрај шаховската табла во клубот и можноста за играње слободни партии, но затоа теоретскиот дел се совладува многу подобро, вели ИМ Орце Данчевски

Ниту актуелната ситуација со пандемијата на коронавирусот не може да ги спречи младите и талентирани членови на шаховската школа Гамбит Асеко СЕЕ од Скопје да се дружат со фигурите. Тренираат, комбинираат, анализираат одредени позиции и варијанти, учат и се надградуваат, чекајќи ја првата можност за настап на некој турнир. Со советите на искусните шаховски тренери и играчи на овој клуб, интернационалните мајстори (ИМ) Орце Данчевски и Марјан Митков, школата, која е формирана во 2005 година, продолжува да работи, но не во клупските простории туку од дома, преку Скајп.

– Имаме три групи ученици, и тоа почетнци, напредни и клупски или вкупно 40. Термините на тренинг ни се двапати неделно сите три групи заедно, преку Скајп. Сите се мошне активни, внимателно следат, учат и со нетрпение чекаат по завршувањето на оваа пандемија на коронавирусот да играат на некој турнир – вели Данчевски.
Во школата од посилните шахисти тренираат Емил Ристески, Антон Златков, Андреи Калин, Михаела Зрмановска, Леонид Петрески, кои се и прваци на Македонија во своите возрасни категории.

– Сметам дека преку интернет-комуникацијата шаховските часови се уште поефикасни, иако недостигаат вообичаеното дружење покрај шаховската табла во клубот и можноста за играње слободни партии, но затоа теоретскиот дел се совладува многу подобро, а практичниот ќе го дополниме кога ќе заврши сегашнава ситуација со коронавирусот. Секако дека им недостигаат шаховските турнири, оти е многу поразлично играњето преку интернет и во живо. Во секој случај, ова е едно ново и интересно искуство, а впрочем и шахот денес сѐ повеќе се игра преку интернет – појаснува Данчевски. 


Ристески: Интересни и мошне корисни часови

Часовите се мошне интересни и корисни. Преку интернет играм многу шах, но се разбира дека недостигаат турнирите. Сега, кога имам многу повеќе време, многу повеќе и работам на шаховското поле. Иако моментално не настапувам на турнири, сметам дека формата ќе ја вратам по само една-две одиграни партии – вели талентираниот Емил Ристески, кој е шампион на Македонија во категоријата до 16 години.