Шаховскиот цајтнот – рефлексија на секојдневието?

157

Цајтнотот (термин што во шахот означува недостиг од време за размислување потребно за одигрување одреден број потези) е кошмар за секој шахист. Ако се случи ова еднаш во неколку партии, и не е толку страшно, но ако се повторува во низа, тогаш шахистот навистина има голем проблем, кој ќе мора да го решава

Времето е еден од значајните фактори при играњето шаховска партија, но се чини и една од работите на кои шахистите им посветуваат многу малку внимание. Затоа и не е изненадување што многу светски познати шахисти лошо се справуваат со часовникот, губејќи партии токму поради немањето доволно време за размислување.
Цајтнотот (временски теснец, термин што во шахот означува недостиг од време за размислување потребно за одигрување одреден број потези) е кошмар за секој шахист. Ако ова се случи еднаш во неколку партии, и не е толку страшно, но ако се повторува во низа, тогаш шахистот навистина има голем проблем, кој ќе мора да го решава. Ова, секако, се однесува не само во шахот туку и во другите области од секојдневието, па затоа треба правовремено да се дејствува на сите новонастанати ситуации и да се носат исправни одлуки.

Индискиот велемајстор (ВМ) Свапнил Допаде дава интересно гледиште за причините и решенијата на овој проблем.
– Причини има повеќе, а најчесто се јавува затоа што шахистите претпоставуваат дека секоја одлука што ја донесуваат во текот на партијата е еднакво важна, па трошат многу време. Тоа не е така, оти потезите што ги играат во критичните моменти се многу поимперативни од потезите при позиции каде што имаат неколку алтернативи. Потоа, тука е самосомневањето, односно кога шахистот чувствува дека одреден потег мора да биде добар затоа што позицијата го бара тоа. Но за да го докаже тоа, тој треба многу да пресметува и да пресметува. Многумина, пак, сакаат да создадат ремек-дело од партија, иако вакво нешто ретко постои, потоа лошата подготовка во отворањето и недоволната концентрација во текот на играта. Други шахисти, пак, не донесуваат брзи одлуки, оти такви се и во приватниот живот. Нивниот карактер е причина да се однесуваат лежерно додека не западнат во некој проблем, а потоа, како и во животот, почнуваат интензивно да размислуваат за да го решат – појаснува Допаде.
Првата табла на македонската шаховска репрезентација, ВМ Кирил Георгиев не се соочува со вакви проблеми.
– Не влегувам во цајтнот, а немам ни проблеми со користењето на времето додека играм. Постојат многу причини за влегување во цајтнот, но најчесто тој е резултат на нерешителноста во играњето на потезите, со што се губи време. За надминување на овој проблем би им препорачал на шахистите да ги прочитаат советите на Михаил Ботвиник и да се играат тренинг-партии со ставен акцент на времето – вели Георгиев.
Репрезентативецот ИМ Филип Панчевски, пак, вели дека има повеќе начини ова да се надмине.

– Често влегувам во цајтнот, а за тоа има повеќе причини. Понекогаш се препроверувам во варијантите или не ми е позната некоја варијанта, а некогаш и не можам да донесам брза одлука што да играм. Има повеќе начини ова да се надмине, како на пример да се вежба брзо донесување одлуки, потоа подобра подготовка пред партијата, како и тренирање пресметување варијанти – вели Панчевски.
Допаде посочува на некои решенија за надминување на овој проблем.
– Разбирање на критичните моменти во играта, да не постои сомнеж во секој потег што треба да се одигра, да се играат потези што очигледно изгледаат дека се логични, да се вежба побрзо донесување едноставни одлуки, да се подобри знаењето во теоријата на отворањето, користење медитација, односно правилно дишење во текот на партијата – вели Допаде.

На мошне амбициозните шахисти тој им порачува, прво, да го користат времето на нивниот противник, односно да не шетаат многу во салата додека не се на потег, а позицијата е комплицирана и, второ, да се запишува времето што е на противничкиот и на сопствениот часовник по секој одигран потег, но и да се чуваат табелите и резултатите по секој турнир, поради сопствено мислење, но и поради совети од својот тренер.


Нан: Цајтнотот не сакајќи станува навика

Во тајните на книгата за практичен шах, познатиот англиски велемајстор и шаховски проблемист Џон Нан пишува: „Часовникот е многу значаен дел од играта, како што се таблата и фигурите, а токму губењето партија поради временски недостиг не се разликува од губењето поради слабата игра. Да бидам искрен, дури и денес уште влегувам во ваква ситуација на неколку турнири, но тој процент е драстично намален. Па, зошто тогаш шахистите редовно навлегуваат во цајтнот и зарем тие не знаат дека тоа е лошо за крајниот резултат? Сите знаеме, но цајтнотот не сакајќи станува навика.


Јаќимовиќ: „Лекување“ со тренинг-партии

Ретко сум во цајтнот, а тоа обично се случува кога имам лоша позиција на таблата. Причините се неуиграноста или лошата позиција. Поретко ги гледам надвор од шаховските проблеми, како на пример несигурноста и нерешителноста. Се „лекува“ со тренинг-партии со постепено намалување на времето и со учење на систематско шаховско пресметување на варијантите, вели ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

[email protected]