Карлсен е голем навивач на Реал Мадрид

Норвежанецот Магнус Карлсен (29) не само што е светски првак во шах, туку моментно е и најдобар играч на службената игра „Фантази премиер-лига“, која ја играат околу 7,2 милиони луѓе од целиот свет. Точно е дека станува збор за едно од најголемите имиња на 64-те полиња, но ако се знае дека оваа фанатизи-игра ја играат најмногу луѓе во светот, а Норвежанецот води, тоа сепак е интересен податок.

По саботните натпревари во „Фантази премиер-лигата“, Карлсен со својот клуб Кјел Анкедал води со 1.152 бода (минатата недела беше шести), во кој ги има познатите фудбалери Салах, Сон, Деле Али, Арнолд… Карлсен почнал да го игра премиерлигашкиот фантази-фудбал од 2014 година, а најдобриот пласман го остварил во 2017 година кога завршил меѓу најдобрите 3.000 играчи.

– Малку оптимизам, комбинација на статистика и чувство за игра – напишал Карлсен на Твитер за тоа како ја игра оваа игра.

Тој е голем навивач на шпанскиот клуб Реал Мадрид. Од порано е познато дека Карлсен го обожава фудбалот, често може да се види како жонглира со топка, а настапувал и на неколку хуманитарни натпревари. „Фантази премиер-лигата“е глобален феномен, која дава дополнителнa убавина во следењето на натпреварите во Англија. Секој играч што учествува во неа си одбира свои фудбалери, кои, пак, во избраниот виртуелен тим носат поени, а се натпреварува против преостанатите учесници во оваа игра.