Шаховскиот клуб Алкалоид повторно на Европскиот клупски куп 2019

34

Шаховскиот клуб Алкалоид, продолжува со настапите на Европскиот клупски куп (ЕКК), што оваа година се одржува од 10 до 16 Ноември во Улцињ, Црна Гора.

Во 2016 година ШК Алкалоид го освои ЕКК и ја понесе титулата Европски шампион, со 12 бодови во седум натпревари (пет победи и два нерешени меча, без пораз). Европското клупско злато е освоено во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање. Во 2017 година ШК Алкалоид продолжи со успешен настап на ЕКК во Анталија, Турција каде што го освои второто место, со 11 бода (пет победи, еден нерешен меч и еден пораз). Со идентичен скор во 2018 година (11 меч бодови), екипата се најде на делба од трето до шесто место, а по дополнителен критериум, на шестото место во конечниот
пласман.

Во 2019 година клубот се подготвува за настап со значително изменет состав, без четворица играчи од претходна година. Но, оваа година во составот на екипата е еден од најсилните светски шахисти, велемајсторот од Азербејџан, Шаркријар Мамеѓаров, кој настапуваше за Алкалоид во 2007, 2008 и 2009 година.

Боите на Алкалоид продолжуваат да ги бранат и стандардните членови велемајсторите Дмитри Андрејкин (Русија), кој ја предводеше репрезентацијата на Русија до злато на
тукушто завршеното Европско екипно првенство, како и Јури Криворучко (Украина). Прв пат за Алкалоид ќе настапи шампионот на САД за 2018 година, велемајсторот Сем Шенкланд, стандарден репрезентативец на својата држава и носител на златен олимписки медал од 2018 година. Втор повратник во екипата е велемајсторот од Русија, Ернесто Инаркиев, европски првак од 2016 година.

Составот на екипата е комплетиран со двајцата најдобри македонски играчи: Трајко
Недев и Филип Панчевски. Капитен на екипата е Драгољуб Јаќимовиќ. Со освежен
состав, но воедно играчи кои биле дел од овој одличен спортски колектив, Алкалоид
ќе продолжи повторно да се бори за европскиот врв. Редоследот на играчите со конкретен распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток на натпреварите.

На ЕКК оваа година се пријавени досега најголем број учесници и
тоа 67 екипи во машка и 14 во женска конкуренција, Вообичаено, конкуренцијата е
многу силна: Медниј всадник Ст. Петербург (минатогодишните шампиони), АВЕ Нови
Бор – Чешка (второпласирани 2018 година), Објетиво Рисарчименто Падова, стандардно при врвот. Директни конкуренти за медал или т.н. „црвена група” се четири тима, но сигурно во борбата ќе се вмешаат првите 10 најдобро рангирани. Се очекува рамноправна и до крај неизвесна борба, со оглед дека турнирот е релативно краток, со само седум кола.