Шахистите ја прегазија Панама, шахистките поразени од Боливија

443

Македонската машка шаховска репрезентација (2.514 просечен рејтинг, рангирана 43-та), по вторпат забележа максимална победа од 4-0, на 43-та Шаховска олимпијада (ШО), која се одржува во Батуми, Грузија во конкуренција на 185 селекции. Денеска убедливо беше прегазена селекцијата на Панама (2.297 просечен рејтинг, рангирана 89-та).

Женската шаховска репрезентација пак, (2.039 просечен рејтинг, рангирани 58-ма), загуби со 1-3, овој пат од послабо рангираната Боливија (1.975 просечен рејтинг, рангирана 68-ма), во конкуренција на 151 селекција.

Цел поен за шахистите освоија ВМ Кирил Георгиев, ВМ Владимир Георгиев, ИМ Филип Панчевски, ВМ Трајко Недев и ИМ Никола Николовски.

По 3-то коло од предвидените 11, мажите имаат четири бода (9,5 поени по табли) и се на 43-то место, додека шахистките два бода (6,5 поени по табли) и се на 78-то место. 

– Во мечот од 2-то коло со Молдавија имавме пех, што Трајко Недев беше добиен па згреши и беше пред пораз, па сепак спаси реми. Владимир Георгиев во еден момент место Лд3 можеше да одигра г4 и беше добиен, но на крајот загуби, а Филип Панчевски цело време беше стеснет, но успеваше да опонира. Сепак, во недостиг на време загуби. За двете победи од по 4:0 во 1-то и 3-то коло, немам што да коментирам, репрезентативците, а посебно денес одиграа како машина. Атмосверата во репрезентацијата е одлична, играме опуштено без притисоци. Моите совети кон нив се да играат најдобро што умеат и да не се нервираат, ако некој загуби, како што тоа вчера го доживеаја Филиуп Панчевски и Владимир Георгиев, бидејќи ШО долго трае, има 11 кола, Георгиеве и Панчевски веќе денес одиграа како машини и го покажаа својот квалитет на шаховската табла – ни изјави по убедливата победа над Панама, селекторот на македонската машка репрезентација, Роландо Кутиров.

МАКЕДОНИЈА – ПАНАМА 4-0
ВМ К. Георгиев (2.590) – ФМ Санчес (2.391) 1-0 (17 потег)
ВМ В. Георгиев (2.471) – ИМ Баулес (2.358) 1-0 (30)
ИМ Панчевски (2.489) – Рамос (2.244) 1-0 (51)
ИМ Николовски (2.388) – ФМ Тапиа 1-0 (27)

МАКЕДОНИЈА – БОЛИВИЈА 1-3 
Бејатовиќ (2.057) – Кордеро (2.082) 0-1 (53 потег)
ЖФМ Стојковска (2.106) – ЖФМ Рамирез (2.052) 0-1 (42)
ЖИМ Коскоска (2.026) – ЖИМ Монроу (1.961) реми (31)
Николовска (1.856) – Мендоза (1.763) реми (43)

Г.И.