Цвет од цреша инспирација за олимпискиот факел во Токио

48

Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио го претставија олимпискиот факел дизајниран според мотивите на цветот од познатата јапонска цреша. Организаторите истакнуваат дека дизајнот го избрале поради тоа што олимпискиот факел ќе го започне патот низ Јапонија во март идната година, во периодот кога цветаат црешите. При изработката на факелот, долг 71 см и тежок 1,2 кг, кој е направен од алуминиумски отпад, користена е најмодерната технологија.

– Како инспирација ни послужија цртежите на цветови од црешата што ги направија децата од подрачјето на Фукушима, кое во 2011 г. тешко настрада во земјотресот и во цунамито – изјави дизајнерот Токуџин Јушиока, додавајќи оти факелот е дизајниран така за да не може пламенот да се изгаси ниту за време на сезоната на тајфуните.
Патешествието на олимпискиот факел ќе започне на 26 март 2020 година и за 121 ден ќе мине низ 47 јапонски региони, а ќе се врати во Токио на 10 јули. Игрите ќе започнат на 24 јули и ќе траат до 9 август.