Хамилтон треба уште многу да патува за да стигне до Месечината

49

Актуелниот првак во Формула 1, лани изминал вкупно 224.369 воздушни км, веднаш до него е неговиот голем ривал, Германецот Себастијан Фетел со 201.573, а трет швајцарскиот тенисер Роџер Федерер со 109.345 воздушни км

Поради работата со која се занимаваат, некои спортисти се принудени многу од своето време да го минат патувајќи, бидејќи во текот на сезоната се натпреваруваат на различни делови од светот, така што голем дел од животот минуваат во авиони.
Но, кои се спортистите што најмногу патувале во изминатата 2017 година?
Направената статистика вели дека меѓу првите 10 има по двајца возачи во Формула 1, тенисери, кошаркари, голфери и фудбалери од вкупно осум држави (Британија, Швајцарија, Германија, Шпанија, Северна Ирска, САД, Аргентина и Португалија).
Поединечно гледано на првите две места се возачи на Формула 1. Во текот на претходната сезона, најмногу патувања остварил Британецот Луис Хамилтон. Актуелниот шампион во Формула 1 лани изминал вкупно 224.369 воздушни километри (км) и посетил 20 држави, но тоа е само малку помалку од една третина од патот до Месечината, на пример, која е оддалечена од нашата планета 384.401 км.

Веднаш до него е неговиот голем ривал, Германецот Себастијан Фетел, кој изминал 201.573 воздушни км.
Блиску зад нив се тенисерите. Според податоците на Ластминуте.ком, Швајцарецот Роџер Федерер лани прелетал вкупно 109.345 воздушни км и остварил 29 патувања во 10 држави, додека на четвртото место е шпанскиот тенисер Рафаел Надал со 102.998 прелетани км минати во текот на 27 патувања во девет држави.
Следуваат кошаркарот Стеф Кари (62 лета, сите во САД), голферот од Северна Ирска, Рори Мекилрој, еден од најдобрите светски фудбалери, Аргентинецот Лионел Меси (50 патувања во осум држави), НБА-ѕвездата на Кливленд, американскиот кошаркар Леброн Џејмс, кој е на осмата позиција и покрај тоа што не ги напуштил САД, но затоа, пак, остварил 76 патувања.
Во топ 10 е уште еден голфер, Американецот Џордан Спит, како и официјално најдобриот фудбалер за изминатата година, Португалецот Кристијано Роналдо, кој остварил 45 авионски патувања и притоа посетил вкупно 12 држави.