Шампионот се побуни против „богатите деца“ во Формула 1

120

Шесткратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој е роден во работничко семејство во Стивиниџ, Англија, смета дека денеска е невозможно некој со негово потекло и финансиска состојба да влезе во Формула 1.

Неодамна, и Себастијан Фетел од Ферари изјави дека неговата кариера би завршила бргу доколку трошоците биле толку големи како денеска, а асот на Мерцедес, Хамилтон, се согласува.

– Мојот татко потроши околу 20.000 фунти и неколку пати земаше хипотека на куќата во првите години за да можам да возам. Денеска, ситуацијата е многу потешка и поскапа. Има многу малку возачи од работнички семејства кои можат да влезат во Ф1. Се работи само за богати семејства. Имам пријател кој беше блиску до Ф1 и потоа беше „прескокнат“ од богато дете и неговата шанса замина. Би сакал да можеме да се вратиме на основните работи во Ф1 – изјави Хамилтон.

Хамилтон доби договор со Мекларен благодарение на тогашниот прв човек на тимот, Рон Денис на само 13 години, по што неговиот татко не мораше да ја става куќата под хипотека.

– Имаше моменти кога ќе се вратев од школо и бев подготвен да одам, но татко ми ќе ми објаснеше дека немаме пари овој викенд. Затоа, мојот татко е вистинскиот херој, а јас сум тој кој го зема вниманието. Да не беше тој, немаше да бидам тука сега. Сакам ФИА да помогне на такви случаи како мене. Не мора да биде толку скапо. Гледајте го фудбалот или тенисот, не е лесно, но не е неиздржливо скапо – вели Хамилтон.