Хамилтон: Најдраматичниот крај на една трка што го паметам

166

ФОРМУЛА 1 – ПО ПОБЕДАТА ВО ТРКАТА ВО СИЛВЕРСТОУН СО ДУПНАТА ГУМА ВО ПОСЛЕДНИОТ КРУГ

На правиот дел тој беше 19 секунди зад мене во тој момент и се обидував да ја соберам брзината, но тркалото правеше проблем. Размислував: „Како ќе ги поминам последните свијоци без да изгубам премногу време?“ Поминав на свијокот 15, а потоа последните два беа возбудливи. Можев да слушнам: „Седум, шест, пет“, но успеав, вели Хамилтон, пренесе „Би-би-си“

Гранпри-трката за големата награда на Велика Британија во Формула 1 се преврте целосно во последните два круга. Луис Хамилтон и неговиот тимски колега Валтери Ботас се чинеше дека возеа до т.н. „победа еден-два“ на патеката „Силверстоун“ кога одеднаш почнаа возбудувањата, пишува „Би-би-си“.

На Ботас му се дупна гума на два круга пред крајот на трката, со што остана и без бодови од трката, а потоа Хамилтон го имаше истиот проблем во последниот круг, по што тој се соочи со неверојатен завршен круг, обидувајќи се со автомобилот да стигне до целта на три тркала пред да биде стигнат од Макс Ферстапен. Хамилтон успеа во тоа што го опиша како „најдраматичниот крај што го памети“, пишува „Би-би-си“.
И со тоа што Ботас заврши на 11-то место, актуелниот светски првак Хамилтон сега води со предност од 30 бода по само четири трки во новата сезона.

– Во таков момент кога адреналинот тече, инстинктот се појавува и бев во можност да останам смирен и да се обидам да стигнам до целта. Но секако дека размислував за сите работи што можеа да се случат. Ако гумата пукнеше во свијок со голема брзина, поинаква ќе беше приказната. Јас сум само неверојатно благодарен што не се случи тоа. Слушнав дека Макс доаѓа со голема брзина. На правиот дел тој беше 19 секунди зад мене во тој момент и се обидував да ја соберам брзината, но тркалото правеше проблем. Размислував: „Како ќе ги поминам последните свијоци без да изгубам премногу време?“ Поминав на свијокот 15, а потоа последните два беа возбудливи. Можев да слушнам: „Седум, шест, пет“, но успеав – вели Хамилтон, пренесе „Би-би-си“.

Ферстапен рече дека не жали за одлуката да оди во пит-стоп, посочувајќи дека и тој би можел има дупната гума, како и тоа дека го освоил второто место кога очекувал да биде трет.

– Отсекогаш е лесно да се каже отпосле, но и ние денес бевме среќни што Валтери имаше дупната гума, па освоивме едно место повеќе. Јас сум многу среќен со второто место – рече Ферстапен.
В недела, на 70-годишнината на гранпри-трките во Формула 1, на програмата е нова трката на патеката „Силверстоун“.