Хамилтон е на една трка до рекордната седма титула

91

На следната трка, по две седмици во Турција, Хамилтон со пласман пред Ботас ќе ја осигури седмата титула светски првак, со која би се изедначил со рекордот на Германецот Михаел Шумахер

ФОРМУЛА 1

Британецот Луис Хамилтон ја оствари деветтата победа сезонава откако викендов триумфира на трката за големата награда „Емилиа Ромања“ во Формула 1, на патеката во Имола (Италија). По 93-та победа во кариерата на Хамилтон, на четири трки до крајот на сезоната, тимот на Мерцедес ја осигури седмата титула во конкуренција на конструктори и стана првиот тим во историјата на Формула 1 што седум години во низа е шампион.
– Горд сум на сѐ и многу сум благодарен што сум дел од овој тим. Ова е неверојатно достигнување за сите нас – рече Хамилтон на тимската радиостаница по соопштувањето на веста за успехот на конструкторите.
На патеката во Имола, на која трка во Формула 1 се возеше првпат по 14 години, Хамилтон беше побрз од неговиот тимски колега Финецот Валтери Ботас, трет трката ја заврши Австралиецот Даниел Рикардо, четврти беше Русинот Данил Квјат, а на петтата позиција се пласира Чарлс Леклерк од Монако.

На следната трка, по две седмици во Турција, Хамилтон со пласман пред тимскиот колега Ботас ќе ја осигури седмата титула светски првак, со која би се изедначил со рекордот на Германецот Михаел Шумахер. Хамилтон има 85 поени предност пред Ботас, а 78 поени разлика по следната трка би било доволно за да ја обезбеди титулата, што значи дека Ботас треба да освои осум бода повеќе од Хамилтон на трката во Турција за да остане во трка за титулата сезонава. 


ПЛАСМАН НА ВОЗАЧИ

Луис Хамилтон 282
Валтери Ботас 197
Макс Ферстапен 162

ПЛАСМАН НА ТИМОВИ

Мерцедес 479
Ред бул рејсинг Хонда 226
Рено 135