Фрум ќе вози за петта титула на Тур де Франс пред да си оди од Инеос

33

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Четирикратниот победник на велосипедската трка Тур де Франс (2013, 2015, 2016 и 2017 година), двапати на шпанската Вуелта (2011, 2017) и еднаш на Џиро д’Италија (2018), Крис Фрум, по 10 години ќе го напушти Инеос (порано Скај) на крајот на сезонава и ќе му се придружи на Израел Старт-ап нејшн.
– Договорот на Крис му завршува во декември и одлучивме да не го продолжуваме. Ова го објавуваме порано отколку што е вообичаено за да им се стави крај сите шпекулации и да овозможиме тимот да се фокусира на сезонава. Крис е со нас од почетокот, тој е голем шампион и заедно споделивме многу незаборавни моменти минатите години. Но верувам дека ова е вистинската одлука за нас и за Крис – рече Дејв Брејлсфорд, првиот човек на Инеос.

Британецот Фрум (35) годинава ќе вози за Инеос на Тур де Франс, кој треба да почне на 29 август, и ќе се обиде да ја забележи петтата победа на таа грантур-трка околу Франција. Не му е загарантирана лидерската позиција во тимот, во конкуренција на Колумбиецот Еган Бернал и на Британецот Герент Томас, победниците на Тур де Франс во 2019, односно во 2018 година.

– Поминавме една феноменална деценија заедно, постигнавме многу и секогаш ќе имам прекрасни спомени од соработката со тимот. Со нетрпение ги очекувам новите предизвици во следната фаза од мојата кариера, но во меѓувреме сум фокусиран на петтиот триумф на Тур де Франс – вели Фрум.