Формула 1 ќе почне во Европа, со осум трки за два месеца

64

Сите трки (по две во Австрија и во В. Британија и по една во Унгарија, Шпанија, Белгија и во Италија) би се возеле без публика, со почитување на медицинските протоколи за да се минимизира опасноста од ковид-19

Сезоната во Формула 1 (Ф1) годинава треба да почне во Австрија, на 5 јули, и тоа ќе биде првата од осумте трки во Европа, објави „Би-би-си“. Годинашното првенство ќе почне со три последователни викенди, два во Австрија, со трките на 5 и на 12 јули, и потоа во Унгарија, на 19 јули. Потоа ќе има двонеделна пауза пред двете трки во Велика Британија, и по една во Шпанија, Белгија и во Италија.

Сите трки ќе се возат без публика, со почитување на медицинските протоколи за да се минимизира опасноста од ковид-19. Трките за големата награда (ГН) на Велика Британија на патеката во Силверстон ќе се одржат на 2 и на 9 август, по што ќе следува трката во Барселона, на 16 август. Трките во Белгија и во Италија ќе го комплетираат европскиот дел од сезоната, и треба да се одржат на 30 август, односно на 6 септември.

Плановите за остатокот од сезоната не се објавени поради состојбата со коронавирусот во земјите што би го сочинувале распоредот. Но од Ф1 велат дека очекуваат „да се одржат најмалку 15 трки до крајот на сезоната во декември“. Ф1 е сигурна дека ќе се возат и трките во Бахреин, на 6 декември и во Абу Даби, на 13 декември. Претходно, најверојатно во октомври, би се возеле трките во Кина, Виетнам и во Јапонија.


Календар за првите трки во 2020

5 јули ГН на Австрија (патека Шпилберг)
12 јули ГН на Штајермарк (Шпилберг)
19 јули ГН на Унгарија (Будимпешта)
2 август ГН на В. Британија (Силверстон)
9 август 70-годишнина на ГН (Силверстон)
16 август ГН на Шпанија (Барселона)
30 август ГН на Белгија (Спа Франкоршамп)
6 септември ГН на Италија (Монца)