Филип Анастасовски: „Лојал Фанс“ е моето семејство!

4178
Филип Анастасовски досега го бодрел Вардар на стотоци натпревари

И кога ми беше најтешко, кога имав големи зравствени проблеми, Вардар ми беше во срцето. Го сакам воој клуб повеќе од себеси, вели Филип

На 8 декември, „Комитите“, верните поддржувачи на спортскиот клуб Вардар, ќе прослават неколку јубилеи: 20 години од постоење на навивачката група „Лојал Фанс“ (Loyal Fans), 10 години од братство помеѓу „Комити“ и „Војводи“, и пет години постоење на групата „Комити Маџари“.

Во 1999 година „Лојал Фанс“ се одвојуваат од „Kомитите“, а на 28 ноември истата година на натпреварот меѓу Вардар и Пелистер, тие првпат настапуваат како самостојна група и за свој дом ја избираат северната трибина. Денес „Лојал Фанс“ функционира по теркот на современите и модерни навивачки – ултрас групи во Европа.

– Како и секое новороденче, така и „Лојал Фанс“ имаа тешкотии во своето издигнување и опстојување низ разните пречки и опструкции кои доаѓаа од сите страни. Иако водевме борба на два фронта, со управата на Вардар надвор од теренот и со противникот на самиот терен, сепак, со преголемата желба за успех и неисцрпната љубов кон Вардар успеавме да ги надминеме сите проблеми, да застанеме и зачекориме по вистинскиот пат на победата. Со текот на времето, големата упорност почна да ги носи успесите. Успеавме да изработиме транспаренти и разни реквизити маици, дуксери, капчиња и шалови, како што доликува на една професионална тифо-група. Со начинот на своето навивање, нашите песни и кореографии оставаме препознатлив белег на натпреварите каде што игра нашиот Вардар. Токму овие начини на искажување на љубовта кон Вардар ни даваат право да се наречеме „Лојал Фанс“ – Гордоста На Скопје – велат членовите на оваа лојална навивачка група.

Еден од нив е и Филип Анастасовски (23), момче со физички инвалидитет, но со огромно срце кое чука за Вардар. Тој не пропушта натпревар и можност со своите другари да го поддржи клубот. Член е на навивачката група „комити млечен“ од 2009 година, а од 2013 година членува во „Лојал Фанс“ и досега бил на стотици натпревари и со жар навивал за својот омилен клуб.

И покрај тоа што се движи со помош на штаки, а има и други здравствени проблеми, тој ако треба оди пеш со километри, а понекогаш и со помош на другарите за да навива за Вардар, на фудбалски или ракометен натпревар.

– И кога ми беше најтешко, кога имав големи зравствени проблеми Вардар ми беше во срцето. Го сакам воој клуб повеќе од себеси – вели Филип.

Како доказ на оваа голема љубов и лојалност, тој пред пет-шест години, го истетовирал логото на Вардар на градите.

– Болката што ја почувствував тогаш не е ништо во споредба со мојата лојалност кон клубот и секако кон навивачката група „Лојал Фанс“ на која и припаѓам – категоричен е овој голем навивач на Вардар.

А останатите членови на групата, кои го прифатија со раширени раце Филип и водат голема грижа за него, поради неговата здравствена состојба, пред неколку години добија и признание за својот хуман однос.

Благодарницата од здржението на граѓани „Свет на различни, а еднакви“ од Скопје, на Мартин Гелев, претседателот на „Лојал Фанс“, му ја врачи претседателката на здружението Гордана Симоновска Момировска.

– Ова признание и е доделено на навивачката група на спротскиот клуб Вардар, „Лојал Фанс“ за хуман однос, колегијалност и заложба за активно вклучување на лицата со попреченост во активностите на навивачката група – беше наведено во образложението за наградата.

Многупати досега членовите на „Лојал Фанс“ го изненадиле Филип со пречеци проследени со факели и извиците „Фичо легендо“ и „Фичо комито“.

Досега тој не само што присуствувал на бројни натпреваери на Вардар и му давал силна поддршка на својот клуб, не само во Скопје, туку и низ цела Македонија, но и во Србија, Хрватска и во Бугарија. Активно учествува во собирање помош, доколку тоа е потребно за некој член на групата, ако треба оди и на посета во болница, доколку таму е сместен член на „Лојал Фанс“. Прв е за спроведување на било каква активност поврзана со Вардар, а освен што оди и навива на натпревари, Филип е колекционер на спортски шалови на навивачки групи, како и на флаери, кои ги разменува со млади луѓе од целиот свет.

– Лојал Фанс“ е моето семејство. Кога ми беше најтешко „Лојал Фанс“ и Вардар ми помогнаа да издржам, затоа јас ќе им останам верен додека сум жив и додека можам да одам на натпревари. Се надевам дека јубилејот – 20 години „Лојал Фанс“ ќе го прославиме на достоен начин на 8 декември, ден што сигурно ќе биде запаметен и поддржан од навивачките групи од целиот регион, а пред се од управата и од спортистите на нашиот сакан Вардар – порачува Филип Анастасовски. М.Т.