Федерер: Во моментов не гледам причина да тренирам

169

Роџер Федерер, дваесеткратниот победник на тениските гранслем-турнири, поради пандемијата на коронавирусот моментно не гледа причина да продолжи со тренинзите.
Федерер (38), кој сезонава стигна до полуфиналето на „Австралија опен“, а потоа имаше операција на коленото, па ја откажа целата сезона на земјени терени, сметаше дека своето враќање на турнирите ќе го има во Штутгард. Но ништо од тоа, тениската сезона е прекината барем до крајот на јули.

– Во моментов не тренирам оти не гледам причина за тоа. Мислам дека ќе мине многу време додека се вратиме повторно на турнирите. Тогаш кога ќе продолжиме, тоа ќе го имам во умот како цел што ќе ме мотивира да тренирам – вели четвртиот тенисер во светот во интервјуто со неговиот поранешен конкурент Густаво Куертен.
Швајцарецот сака барем малку да го зголеми својот рекорд од 20 гранслем-победи, но за да ја оствари таа цел, тој ги отфрла т.н. „турнири на духови“.

– Особено на големите турнири ќе ми биде многу тешко да играм пред празни редови. Треба да почекаме да се врати вистинскиот момент, кога ќе се пополнат барем третина или половина од тениските стадиони – дециден е Федерер.