Традиционалното 38-мо искачување „Титов Врв 2019“ во снежни услови

104

Годинашното 38-мо традиционалното искачување на Титов Врв (2.747 мнв) предвидено за викендов (25 и 26 мај), организаторот, Планинарскиот клуб (ПК) „Љуботен“ од Тетово му го посветува на проф. Љупчо Меловски, кој беше голем вљубеник и познавач на Шар Планина, и заштитник на животната средина.

Првото искачување на Титов Врв, чиј посебен белег е познатата планинарска кула изградена во 1955 година, беше во 1980 година. Во минатите речиси четири деценици на Титов Врв се искачиле над 24.000 планинар(к)и од Македонија и од странство.

– Подготовките за овој настан ги започнавме уште пред два месеца со испраќање покани до планинарските друштва во Македонија и на Балканот. Годинава поради променливите временски услови и снегот, очекуваме бројката на искачени планинар(к)и на врвот да биде над 500. Досега се пријавени околу 400 планинар(к)и од Македонија и од соседните земји, од Албанија, Бугарија, Србија, Косово, БиХ, Хрватска и од Словенија, но таа бројка сигурно ќе се зголеми наредните денови – вели претседателот на ПК Љуботен, Јован Божиноски.

Програмата започнува в сабота, 25 мај напладне со еколошка акција за чистење на Попова Шапка „Trash TagChallenge“. Потоа ќе се одржи трибина на тема: „Планинарењето, поттик за здрави навики кај младите”, организирана од Младинската комисија при Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), а ќе има и забавно-едукативен дел.

Искачувањето на врвот е предвидено за недела, 26 мај, со старт во 6.30 часот од платото пред хотелот „Попова Шапка“. Движењето е по Вакуфска патека долга 14 км во еден правец и со висинска разлика од 1.047 метри. Просечното време за искачување е околу четири часа во еден правец. На Шар Планина има нови количества снег, па затоа е препорачливо сите учесници да се движат во организирана колона, водена од одговорните лица од ПК Љуботен кои на ранците ќе имаат акредитации со ознака на организаторот.

Во зависност од меторолошките услови и поради безбедносни причини организаторот го задржува правото да ја промени патеката на искачување до врвот или да го прекине искачувањето.