Спортски вести

36

АНКЕТА НА „КЈОДО“
Мнозинство Јапонци сакаат ЛОИ да бидат откажани или одложени

Мнозинството од анкетираните во Јапонија е против идејата Летните олимписки игри да се одржат во Токио годинава. Тоа го покажа анкетата спроведена од новинската агенција „Кјодо“ во Јапонија. Игрите во 2020 година првпат во историјата беа одложени за една година, поради пандемијата на коронавирусот.
Околу 80 отсто од оние што учествуваа во анкетата гласаа за откажување или за повторно одложување на Летните олимписки игри, и тоа 35,3 отсто од анкетираните претпочитаа Игрите да бидат целосно откажани, а 44,8 отсто гласаа за тоа Летните олимписки игри повторно да бидат одложени. Г.И.


РАКОМЕТ
Почнува Светското првенство, Данска ја брани титулата

Со денешниот дуел Египет – Чиле треба да почне 27-то ракометно Светско првенство за мажи во Египет, прво на кое ќе учествуваат 32 селекции. Репрезентацијата на Данска ќе ја има улогата на бранител на титулата, а селекциите на Уругвај, Конго и на Зелено’ртските Острови ќе бидат дебитанти. Македонија не обезбеди пласман СП, но таа е прва резерва доколку некоја од селекциите-учеснички се откаже од настап. Резерви за учество на СП се и репрезентациите на Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина и на Србија.
Селекциите се поделени во осум групи со по четири репрезентации, а пласман во следната фаза обезбедуваат трите најдобропласирани од секоја група. Во втората фаза ќе се формираат нови четири групи, со по шест селекции. По оваа фаза, по две најдобропласирани репрезентации од секоја група продолжуваат во четврт-финалето. Та.Д.


Наместо во Венген, скијачите ќе се тркаат во Кицбил

Поради пандемијата на коронавирусот, локалните власти во Швајцарија ги забранија трките од Светскиот куп (СК) во алпско скијање во Венген, па Меѓународната скијачка федерација (ФИС) одлучи трките предвидени за викендов да ги премести во австриски Кицбил. В петок и в сабота Венген требаше да биде домаќин на најдобрите скијачи во спуст во светот, а в недела требаше да се возат трките во слалом.
Според новите планови, во Кицбил ќе се возат два слалома, на 16 и на 17 јануари, потоа два спуста, на 22 и на 23 јануари, како и супервелеслалом, на 24 јануари. Та.Д.