Спортски вести

52

КОШАРКА
Февруарскиот квалификациски турнир ќе се игра во Перм

Четирите репрезентации од групата Б во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2022 година во кошарка ќе играат од 19 до 21 февруари в година, во рускиот град Перм, каде што Македонија во февруари годинава играше со Русија.
Ова е одлуката на бордот на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), која пристигна во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Во согласност со првичниот календар за натпреварување во оваа група, на 19 февруари треба да се играат дуелите Македонија – Русија, односно Италија – Естонија. На 21 февруари, пак, се закажани мечевите Македонија – Италија, односно Русија – Естонија.
Се чека уште одлуката на надлежната комисија за новите термини за одигрување на двете одложени средби на македонската репрезентација од мини-турнирот што се играше неодамна во Талин, со репрезентацијата на Италија, односно со селекцијата на Естонија. Г.И.


ФУДБАЛ
Идната недела шест нокаут-средби за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите

По пет кола во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) се пласираа девет тима од пет земји, најмногу од Англија, три, потоа од Шпанија и од Германија по два, а од Италија и од Португалија по еден. Од досега пласираните, Порто и Севилја се нови тимови во однос на осминафиналистите од минатата сезона.
Четири екипи се веќе во првиот барабан, како првопласирани во групите, и тоа Баерн, Манчестер сити, Челси и Ливерпул. Севилја и Порто ќе бидат во вториот барабан, а по шестото коло ќе се знае во кој ќе бидат Борусија Дортмунд, Барселона и Јувентус.
За преостанатите седум места во осминафиналето во трка се дури 13 тима, а идната недела ќе има шест директни дуели меѓу конкурентите за пласман меѓу 16-те најдобри екипи во ЛШ сезонава.


Челси и Манчестер сити досега сезонава во групната фаза примија само по еден гол

Челси и Манчестер сити по пет кола имаат најдобри одбрани сезонава во Лигата на шампионите во фудбал, само со по еден примен гол. Мрежата на Челси ја затресе Рен, а Манчестер сити прими гол од Порто.
По два гола примија Барселона (од Динамо Киев и од Ференцварош) и Ливерпул (двата од Аталанта). Најефикасен напад засега имаат Баерн, Борусија Менхенгладбах и Барселона, со по 16 гола. Први стрелци по пет кола со по шест гола се Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед, Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд и Алваро Мората од Јувентус.


Роналдо е на 55 гола до светскиот рекорд

Напаѓачот на Јувентус, Кристијано Роналдо (35), кој е најефикасен фудбалер во фудбалската Лига на шампионите, со 132 погодока, го постигна 750-от гол во сениорска конкуренција (за Реал Мадрид 450, за Манчестер јунајтед 118, за Јувентус 75, за Спортинг пет, а за Португалија 102). Според информациите, водечки на листата со фудбалери што постигнале најмногу голови во кариерата е Јозеф Бичан, со 805 гола, во периодот од 1931 до 1956 година, настапувајќи за повеќе клубови, како и за Австрија и за Чехословачка.
– Благодарност до сите играчи и тренери што ми помогнаа да ја достигнам оваа неверојатна бројка, благодарност до сите мои противници што ме натераа да работам повеќе и понапорно секој ден. Тоа се 750 гола, 750 среќни моменти, 750 насмевки на лицата на нашите навивачи. Следната станица: 800 – напиша Роналдо на својот профил на Инстаграм. Л.Д.