Спортски вести

120

На мечот на Борусија М. ќе има 13.000 картонски навивачи

Повеќе од 13.000 картонски „навивачи“ на Борусија Менхенгладбах ќе има на денешниот фудбалски натпревар против Баер, зад затворени врати, во Бундес-лигата, објави агенцијата АФП. Борусија беше домаќин на првиот натпревар одигран без публика во Бундес-лигата, против Келн (2-1), на 11 март, непосредно пред да биде ставена во мирување сезоната во Германија поради пандемијата на коронавирусот. Една од навивачките групи на клубот се досети на навивачите да им овозможи да отпечатат свои слики во природна големина, кои ќе бидат сместени на празните трибини на стадионот. Картонските ликови на тие што имаат сезонски билети ќе бидат поставени на нивните редовни места.
– Веќе имаме направено околу 13.000 такви силуети, од досега нарачаните речиси 20.000 – вели Томас Лудвиг, шефот на навивачката група.
Ваквите активности имаат поддршка и од клубот.
– Мислам дека тоа е убава работа, која ќе создаде подобра атмосфера на стадионот. Дури и ако во исто време е потсетник дека фудбалот без гледачи не е ист – истакнува спортскиот директор на Борусија, Макс Еберл.
Идејата му се допаѓа и на тренерот, Марко Росе.
– Фантастично. Ние навистина имаме впечаток дека не сме сами кога тренираме на стадионот – вели тој.
Борусија Менхенгладбах е трета на табелата, со шест бода помалку од лидерот Баерн. Минатиот викенд, во првата рунда по прекинот, го победија на гости Ајнтрахт во Франкфурт, со 3-1. Л.Д.

 


Фудбалската „Ла скала“ наскоро ќе се урива?

Италијанските служби за заштита на културно-историското наследство немаат никакви забелешки за уривање на стадионот „Сан Сиро“ во Милано, изграден во 1926 година. Со тоа е отстранета уште една пречка за двата градски фудбалски клуба, Милан и Интер, да изградат нов стадион. Лани двата клуба поднесоа барање за заедничка изградба на нов стадион, со капацитет од 60.000 места, во градската област Сан Сиро. Одобрувањето од властите за заштита на наследството не е конечна одлука, но е важен чекор кон спроведување на планот.
Според мислењето од надлежните власти на градот Милано, кој е сопственик на локацијата, стадионот нема никакво архитектонско значење што би го спречило уривањето. По неколкуте реновирања, останат е само мал дел од оригиналниот стадион. Новиот стадион е клучен елемент во поголемиот план за целата област, вреден 1,2 милијарда евра, кој вклучува и уривање на историскиот фудбалски стадион, кој понекогаш го нарекуваат фудбалска „Ла скала“, алузија на познатата оперска куќа во Милано.
Претставниците на градот, вклучувајќи го и градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, повеќепати го поставуваа прашањето за уривањето на „Сан Сиро“. Клубовите ги изменија првичните проекти според кои требаше да се урне целиот стадион. Плановите за кои сега се дискутира вклучуваат уривање на поголемиот дел од стадионот, но и зачувување на еден дел, кој би претставувал еден вид градско обележје околу кое ќе се градат нови спортски објекти достапни за јавноста. Л.Д.


ШАХ

Накамура без пораз, Карјакин со еден, а Карлсен со три пораза во четврт-финалето

Американецот Хикару Накамура без пораз, со 7,5 поени, заврши како прв во прелиминарниот дел на интернет-турнирот во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди по секој потег), на кој учествуваат 12 шахисти. Втор е Русинот Сергеј Карјакин, со седум поени и еден пораз, а трет е светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, со шест поени, но и со три пораза.
По првиот од трите натпреварувачки дена (по четири кола), тој беше во водство, но во третиот мораше да обезбедува пласман понатаму во последното коло. Карлсен загуби од Кинезот Јангуи Ју, Русинот Сергеј Дубов и од Полјакот Јан Криштов Дуда.
Турнирот продолжува по нокаут-систем, а четвртфиналните двојки за денеска се: Накамура – Аронијан, Карлсен – Со, Ју – Лирен, Дубов – Карјакин. Табела, прелиминарен дел: Накамура 7,5, Карјакин 7, Карлсен 6,5, Со, Ју и Лирен по 6, Дубов, Гришчук и Аронијан по 5,5, Фирузја 4,5, Дуда 4, Веи 2,5 поени. Г.И.