Спортски вести

45

Ракометарите го почнаа вториот круг во домашната сезона

Со победите на Радовиш над Астраион (36-27) и на Охрид над КЛ 7 (27-24) во групата А, како и на Работнички над Бутел (23-21) и на Тиквеш над Младост (32-25) во групата Б, ракометарите го почнаа вториот круг на домашната сезона во Суперлигата. Ракометарите на Пролет, пак, го одиграа последниот заостанат натпревар од првиот дел, со Струга (победа со 23-15). По седум кола, во групата А само Охрид има максимален ефект од седум победи и 21 бод. Во групата Б, Бутел ја има првата позиција, со 15 бода од шест меча. Со само четири одиграни меча, без пораз, на второто место во групата Б е Металург, на кој во следните четири дена му претстојат три меча, од кои два заостанати, прво утре на гости кај Младост, потоа в четврток на гости кај Бутел, а в сабота со мечот против Прилеп металурзите ќе го почнат вториот круг од натпреварувањето. Та.Д.


ФУДБАЛ

По 40 години нов домашен рекорд на Ливерпул, одново по меч со Лестер

Бранителот на титулата во англиската фудбалска Премиер-лига, Ливерпул, иако без капитенот Џордан Хендерсон, Вирџил ван Дајк, Џо Гомез, Трент Александер-Арнолд, Мохамед Салах, Тиаго Алкантара… забележа победа над Лестер со 3-0 и е на делба на првата позиција со Тотенхем, со по 20 бода, по девет кола. Ливерпул постави и нов клупски рекорд од 64 првенствени меча без пораз (53 победи и 11 ремија) дома, серија што почна во април 2017 година. Со тоа беше надмината претходната најдобра серија во периодот од февруари 1978 до јануари 1981 година под водство на најтрофејниот менаџер на клубот, Боб Пејсли, која ја прекина токму Лестер.
Во клупската книга на рекорди се запиша и Португалецот Диого Жота, кој е првиот фудбалер на „црвените“ што постигнал четири гола на првите четири првенствени натпревари на домашен терен. Л.Д.


КОШАРКА – НБА

И помладиот од браќата Гасол ќе игра за ЛA лејкерс

Еден кошаркар со преземе Гасол си замина од Лос Анџелес лејкерс пред шест години, а сега дојде друг. Од НБА-лигата замина Пау, а на местото на успехот оди Марк (Пау има две титули со ЛА лејкерс), кој во следната сезона ќе игра во шампионскиот тим на „езерџиите“.
– Приоритет ми е да играм за тим што ќе се трка за шампионскиот прстен. Сакам да ѝ помогнам на екипата и заедно да победуваме, затоа и трката за титулата ми претставува најголем мотив – вели Марк Гасол.
По 11 години во Мемфис, тој минатата година играше за шампионскиот тим на Торонто, а од следната сезона се очекува да биде тандем под кошевите со Ентони Дејвис. Марк Гасол потпиша двегодишен договор со актуелниот првак на НБА-лигата. Г.И.


Медведев победи и влезе во историјата на АТП-финалињата

Рускиот тенисер Данил Медведев е победник на завршниот мастерс-турнир на АТП во Лондон откако во финалето го победи третиот носител на турнирот и светски рекет број три, Австриецот Доминик Тим, со 4-6, 7-6 и 6-4 и ја освои својата најголема титула досега.
По победата, Медведев влезе во историјата затоа што досега не се случило еден играч на еден завршен мастерс-турнир да ги победи тројцата најдоброрангирани светски тенисери, а е само четврти тенисер (претходно Борис Бекер во 1994 година во Стокхолм, Новак Ѓоковиќ во 2007 г. во Монтреал и Давид Налбандијан во 2007 година во Мадрид) што го постигнал тоа на кој било настан од почетокот на АТП-турнејата во 1990 година.
Медведев има 10 победи во низа и ги освои мастерсот во Париз, а потоа и АТП-финалето во Лондон.
– Кога имате самодоверба треба само да знаете како да ја задржите. И мислам дека научив како да го правам тоа и се надевам дека ќе продолжам на овој начин и во иднина – рече Медведев. Та.Д.