Спортски вести

60

КОШАРКА – НБА

Ентони Едвардс прв избор на драфтот, ќе игра за Минесота

Ентони Едвардс (19 години, бек-шутер, висок 196 см, тежок 102 кг) е првиот избор на годинашниот избор на нови кошаркари (драфт) пред почетокот на новата сезона во НБА-лигата. Така одлучи клубот Минесота, кој имаше право прв да го избере својот играч за следната сезона и сега ќе има можност, заедно со првата ѕвезда Карл Ентони Таунс и Д’Анџело Расел, да ја формира базата на тимот за наредните години.
Едвардс е познат како голем спортски талент, оти со години играл и американски фудбал. Тој на Универзитетот во Џорџија имал просек од 19 поени, пет скока и три асистенции по натпревар, а сега му претстои голема работа во Минесота, каде што ќе се обиде да ја врати славата на Минеаполис од времето на легендарниот Кевин Гарнет, со кој Минесота играше во конференциското финале во 2004 година. Г.И.


ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Бразил води без загубен бод

Европските квалификации за пласман на Светското првенство (СП) во фудбал во 2022 година треба да почнат во март 2021 година, но на други континенти тие мечеви одамна се играат. Така, во Јужна Америка по четири кола со максимален број бодови, 12, води Бразил, пред Аргентина со 10 бода, Еквадор со девет, Парагвај и Уругвај со по шест, Чиле и Колумбија со по четири, Венецуела со два и Перу и Боливија со по еден бод. Од тој континент на СП 2022 треба да играат најдобрите четири селекции, а една да игра во плејофот.
На СП во 2022 година ќе настапат 32 репрезентации, и тоа домаќинот Катар, потоа од Европа 13 селекции, од Африка пет, од Азија четири или пет, од Јужна Америка четири или пет, од Северна Америка три или четири и најмногу една репрезентација од Океанија. Интерконтиненталните баражи ќе се играат помеѓу селекции од Азија, Јужна Америка, Северна Америка и од Океанија, во јуни 2022 година.


ТЕНИС

Се комплетираат полуфиналистите на завршниот мастерс-турнир

По Австриецот Доминик Тим, и рускиот тенисер Данил Медведев се пласира во полуфиналето на завршниот АТП-турнир во Лондон, откако во 2-то коло славеше победа над првиот светски рекет Србинот Новак Ѓоковиќ со 6-3, 6-3 во сетови. Вториот полуфиналист од таа група ќе биде познат по денешниот дуел помеѓу Ѓоковиќ и Германецот Александер Зверев. Од таа група Аргентинецот Диего Шварцман е без шанси за пласман во полуфиналето. Од другата група за уште едно место во полуфиналето вчера играа Рафаел Надал од Шпанија и Стефанос Циципас од Грција.